SGN34

Како и што се очекуваше, за време на IFA 2013 Samsung официјално го претстави својот нов “phablet”, Galaxy Note 3.

Новиот Note доаѓа обложен во кожа на задната страна што според Samsung треба да асоцира на старите класични бележници. Истиот е достапен во три варијанти – црна, бела и розова.

Со димензии од 151.2 x 79.2 x 8.3 милиметри, Note 3 е потесен и потенок од од својот претходник и покрај тоа што доаѓа со 0.2 инчи поголем екран, 5.7 наспроти 5.5 кај Note 2. Екранот е со резолуција од 1920×1080 и густина од 386 пиксели по инч. Super AMOLED панелот кој го користи Note 3, придонесува за неверојатно живописни бои со длабок контраст и одличен агол на видливост. Исто така, новиот Note e за 12 грама полесeн од својот претходник, односно тежи само 168 грама.

Galaxy Note 3 користи осум-јадрен процесор со фреквенција од 1.9GHz за 3G моделот, односно четири-јадрен процесор со фреквенција од 2.3GHz за 4G/LTE моделот, а достапноста на моделите ќе зависи од регионот. Исто така, Note 3 доаѓа со импресивни 3GB RAM меморија и 32/64GB меморија за складирање на податоци, а има поддршка и за microSD картичка до 64GB. Сето ова го прави Note 3 најмоќниот мобилен уред на Samsung.

Новиот Note е опремен со 13 мегапикселна камера на задната страна со која ќе може да снимате Ultra-HD 4K видео со 30fps, Full-HD видео со 60fps, па дури и забавено движење со 120fps. На предната страна има 2 мегапикселна камера со поддршка за Dual Shot, Dual Recording и Dual Video Call функциите.

Сиот овој хардвер има потреба и од моќна батерија, па затоа Samsung решиле да го зголемат нејзиниот капацитетот во однос на Note 2 на 3200 мили-ампер часови. Останува да видиме како ова ќе се одрази при секојдневно користење на уредот.

Претходна статијаFacebook ќе прикажува помалку од рекламите кои не ви се допаѓаат
Следна статијаValve најави PC конзоли базирани на Linux