Project Ara беше зачеток на идејата за модуларен телефон, на кој лесно може да му ги смените главните компоненти, но други производители, односно поточно стартапи, се први на сцената со таков уред. Puzzlephone е нова стартап кампања на Indiegogo, која ветува поедноставен модуларен телефон со само три компоненти.
Навистина, тоа што има само три компоненти не го прави толку корисен како Fairphone 2 или Project Ara на Google, но од друга страна тоа може да е неговата силна страна, бидејќи на тој начин драматично се поедноставува и поевтинува производството. Компонентите ќе можат многу лесно да се заменат и ќе му овозможат на корисникот лесно да ги надгради со понови и подобрени верзии.
Трите компоненти се екранот со сите свои придружни елементи, кој исто така служи како подлога за другите две компоненти, матичната со процесорот, камерата, рам меморијата и сите чипови и батеријата. Ова значи дека доколку се одлучите на промена на една од компонентите, ќе можете да земете или подобар екран, или помоќен чип или поголема батерија. Првиот модел ќе биде опремен со процесор со осум јадра, 3 GB рам меморија, до 64 GB простор и 5 инчен дисплеј со Full HD резолуција.
Сепак, има еден мал црн облак над сета оваа кампања за Puzzlephone, а тоа е што кампањата е со флексибилно фундирање, што значи дека доколку не успее проектот, производителот може да ги задржи парите и сето ова да е измама (се има случено досега). Од Puzzlephone се огласија дека „морале“ да се одлучат на таков начин, бидејќи доколку оделе со фиксно фундирање, ќе морале да прифатат плаќање само преку PayPal.
Оние кои сепак ќе се одлучат да го поддржат проектот, можат уште сега да го нарачаат својот Puzzlephone за 333 долари за моделот со 16 GB простор, 444 долари за 32 GB, односно 777 долари за модел со детали од бакар.
Извор: The Verge, Indiegogo