Канадскиот производител пред неколку месеци го направи незамисливото – го лансираше првиот паметен телефон со Android оперативен систем. Доколку моделот Priv се покаже како успешен, а многу истражувања алудираат на тоа, според генералниот директор на BlackBerry, Џон Чен, наредната година би можеле да видиме нов телефон со Android од канадскиот производител, кој ќе се натпреварува во средната класа.
Според она што го кажа Џон Чен, новиот уред би можеле да го очекуваме во втората половина на наредната година. Ова би можел да биде најавуваниот BlackBerry Vienna, кој има експонирана тастатура, односно истата не е на лизгач како кај Priv, но тоа не може да се потврди.
Изјавата на Џон Чен инаку гласи: „Доколку Priv се покаже како успешен, најверојатно ќе видиме негов наследник наредната година и уредот не би требало да биде толку скап. Најверојатно се’ уште ќе се фокусираме на високата класа, но можеби и малку повеќе во средната…“
Од ова може дефинитивно да се прочита дека BlackBerry планира и наследник на Priv и уште еден модел во понудата и развојот на тие смартфони е веќе во тек. Исто така, моја слободна прогноза е дека канадскиот производител ќе се одлучи во иднината да лансира уште неколку паметни телефони со Android во наредните години.
Покрај најавата за нови модели на смартфони, Џон Чен најави и поголемо влегување на BlackBerry во автомобилската индустрија, со QNX софтверот, кој веќе се користи во мултимедијалните системи на преку 60 милиони автомобили, како и преку технологиите за автономно возење, а во соработка со Google.
Извор: Techno Buffalo, Android Authority