Концепт верзијата од OnePlus 11, која беше најавена минатата недела, сега на MWC 2023 саемот за технологија е и официјално претставена. OnePlus 11 Concept е како што кажува и самото име, концепт на смартфон, што значи дека нема да се произведува и продава. Тоа што може само да се очекува е вградување на технологијата која се презентира со концептот во некој иден смартфон.

Како што можеше да се види од малиот дел прикажан од сликите минатата недела, OnePlus 11 Concept е осветлен на задната страна во форма на мали цевки кои поминуваат низ телефонот. Ова сепак не испадна како што се мислеше дека може, па не се работи за обични LED сијалички кои реагираат на известувањата. Тоа значи дека може да се тргнат на страна споредбите со Nothing на поранешниот директор на OnePlus.

Осветлувањето кај OnePlus Concept е дел од систем за активно ладење на уредот, а цевките ја носат течноста до потребните делови. Овој систем од компанијата го нарекуваат Active CryoFlux за чија изработка се поднесени повеќе од 30 патент апликации.

Active CryoFlux е составен од две „пиезоелектрични“ микро пумпи кои се поврзани со цевките и кои ја придвижуваат течноста низ нив.

Целта на овој систем е да овозможи поголемо ладење на уредот од пасивните системи, но и подобар систем од другите активни системи кои обично вклучуваат вентилатор кој пушта звук и ја зголемува големината на целиот уред.

Од тоа што го истакна OnePlus, прашање е дали ладењето кое се овозможува е доволно големо за да се каже дека се работи за нешто „револуционернo“. Примерите кои ги даваат од компанијата вклучуваат намалување на температурата за 2,1 степени Целзиусови при играње на игри со што се добиваат 3 до 4 повеќе „fps“, како и намалување на температурата за 1,6 степени со што се добива 30-45 секунди помалку време на полнење на батеријата.

Јасно е дека успешното ладење на уредите овозможува подобри перформанси, а големината е ограничувачки фактор, но компромисот досега се има покажано добро. Ако OnePlus успее да додаде уште некој процент на ладење, не треба да се занемари придобивката.

Микро пумпите зафаќаат простор од 0,2 кубни сантиметри, истакнуваат од компанијата, додека цевките се со дебелина од 0,2 милиметри. Поради ова не е потребно прилагодување на големината на уредот.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаLenovo на MWC 2023 настапи со два концепт уреди со екрани кои се намотуваат
Следна статијаMicrosoft ќе почне автоматски да им ја инсталира Microsoft Defender апликацијата на Windows корисниците
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.