Очекувано, со оглед дека има уште неколку месеци до претставувањето на наредната Galaxy S генерација, веќе почнуваат да се појавуваат познатите неофицијални слики направени врз основа на информации кои ги добиваат неколку познати „протекувачи“.

Оваа недела беа објавени слики од трите модели кои би требало повторно да се дел од Galaxy S серијата, односно Galaxy S22, Galaxy S22+, како и Galaxy S22 Ultra. Сликите во главно се од познатиот „OnLeaks“, а тој истакнува дека информациите за вториот модел ги има добиено со името Galaxy S22 Pro, а не Plus, што може да асоцира на поголема разлика идната година со основниот модел.

Од сликите може да се види дека првите два модели во главно ќе изгледаат исто како и S21 од оваа година. Мала разлика може да се забележи кај модулот за камерите на задната страна кој сега е за нијанса издвоен од страничната рамка.

На предната страна останува дупката во која е поставена камерата, што значи ќе почекаме уште една година додека и Samsung почне да ја користи технологијата за камера под екранот која уште не е доволно развиена.

За овие модели се најавува и можно намалување на димензиите и големината на екраните, нешто што сигурно ќе предизвика повеќе корисници да сакаат да го купат вториот модел, па да не можат да поминат само со основниот. Тоа посебно ќе биде случајот доколку помеѓу овие два модели има и дополнителни разлики.

Тоа што повеќе привлече внимание кај овие неофицијални слики се сликите од Galaxy S22 Ultra моделот. Тој идната година нема да го дели дизајнот од другите два модели, па треба да изгледа целосно различно, а веднаш може да се забележи сличноста со последниот Note модел.

Според информациите, ултра моделот идната година ќе дојде и со посебно место за чување на S Pen, нешто што исто така беше карактеристично за Note серијата, па се гледа дека идната година Samsung дополнително сака да ја направи S Ultra серијата замена за Note.

Од сликите исто така може да се види целосно различен модул за задните камери кој кај ултра моделот е поставен во формата на буквата П на латиница.

Има уште доста време, а сигурно ќе видиме уште доста неофицијални слики додека бидат претставени овие телефони, па ќе видиме што од ова ќе се покаже како точно, иако искуството покажува дека OnLeaks ретко греши.

Претходна статијаСеавус ја спроведува уникатната талент програма за вработување и кариерен развој
Следна статијаНајновиот трејлер од Stranger Things 4 не потсетува на страшните и напнати делови од серијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.