obi-mv1

Obi Worldphone е компанија под водство на Џон Скали, поранешниот “CEO” на Apple (оние кои го гледаа новиот филм „Стив Џобс“ сигурно се добро запознаени со него, другите, гледајте го), која произведува евтини, но добро дизајнирани Android смартфони, наменети за пазарите во Европа, Латинска Америка, Африка и Азија.

Компанијата досега имаше лансирано два модели кои не поминаа претерано забележано на пазарот, но моделот MV1 веројатно ќе може да послужи како трета среќа. Уредот е инаку дизајниран во Сан Франциско, поточно во дизајн компанијата Ammunition, која има дизајнирано и за Beats Audio.

Негова главна карактеристика е стаклото кое изгледа како да лебди, како и поликарбонатната пластика отпорна на отпечатоци од прсти. Се на се, се работи за дефинитивно допадлив уред, кој на прв поглед ветува многу повеќе отколку што кажуваат неговите спецификации.

A22767x01E_OBI_Wht_RWideScrn_3u.0

Имено, MV1 има 5 инчен дисплеј со HD резолуција, додека во внатрешноста е вграден најслабиот процесор на Qualcomm од новата генерација – Snapdragon 212 со четири јадра на 1,3 GHz и Adreno 304 графика.

Во основниот модел кој чини 139 долари процесорот е помогнат од 1 GB рам меморија и 16 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. За 149 долари пак е достапен модел со 2 GB рам меморија и навистина, доколку некогаш имате план да го купите овој уред, изберете го токму овој модел – рам меморијата може да направи голема разлика.

Камерите се прилично солидни со оглед на класата и цената – задната има 8, додека предната има 2 мегапиксели. Батеријата пак има капацитет од 2.500 mAh, што со оглед на слабиот процесор, треба да е доволно за целодневно користење.

Obi Worldphone MV1 ќе биде достапен со Cyanogen 12.1, кој е направен врз база на Android Lollipop 5.1.1. Сеуште нема информации дали ќе има надградба на подобрениот Cyanogen 13.0 (Marshmallow), но со оглед на добрата поддршка која ја има Cyanogen Mod, може да се очекува.

Извор: ZDNet, The Verge, BGR

Претходна статијаXerox ќе се раздвои на две посебни компании после сеопфатната анализа на портфолиото на компанијата
Следна статијаJolla и Intex претставија нов Sailfish OS смартфон на MWC