Иако екраните кои се превиткуваат ќе бидат иднината на паметните и преносни уреди, сега за сега „натпреварот“ се води помеѓу тоа кој ќе претстави уред со екран кој има што помали рамки околу него.
Најчесто како решение за тоа се користи исечок на горниот дел од екранот, а тука се и дупките само за камерата кои ги користи Samsung во нивните уреди од оваа година. Има и уште неколку интересни решенија кои вклучуваат механизам за прикажување на камерата од внатре во уредот, па се до механизам кој ги врти задните камери на предната страна.
Мене лично едно од подобрите решенија, кое не го гледаме првпат, е поставување на втор екран на задната страна којшто ќе се користи кога е потребно да се користат задните камери за сликање на селфи.

Nubia Z20 го има ова решение, па предниот 6,42 инчен FHD+ екран скоро и нема рамки, а ни исечок или било што слично на неговата горна страна. Тоа е така затоа што овој телефон има втор, 5,1 инчен екран и на задната страна, веднаш под камерите.
Вториот екран е тука да се користи кога корисниците сакаат да направат селфи слики, но секако тој е тука и за да прикажува одредени информации кога телефонот е заклучен.
Покрај ова, Z20 е уред од највисоката класа која работи на нешто подобрата верзија од Snapdragon 855, 855 Plus. Исто така, телефонот доаѓа со избор до 8GB RAM меморија, како и 512GB простор за податоци.
На задната страна има три камери со 48, 16 и 8 мегапиксели, а тука е и одличната батерија со капацитет од 4.000 mAh.
Nubia Z20 за разлика од другите слични уреди ќе биде достапен на светскиот пазар и ќе се продава по цена од околу 500 долари.