HMD Global, компанијата која стои зад новите Android смартфони со брендот Nokia, изгради одлично богато портфолио на телефони, кое нуди солидни перформанси и спецификации за пониска цена од таа на останатите етаблирани брендови. Сега, тие почнуваат да ги освежуваат овие модели, а прв ќе биде Nokia 5, кој добива верзија со 3 GB рам, што е добредојдено во време кога апликациите јадат се повеќе и повеќе од драгоцената меморија.

Да потсетам, Nokia 5 е смартфон од средно-ниската класа со Snapdragon 435 процесор со 8 јадра, сега помогнат од 3 GB рам меморија (претходно 2 GB) и 16 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера на телефонот има солидни 13 мегапиксели и f/2.0 бленда, додека предната камера има 8 мегапиксели со f/2.0 бленда. Неговиот дисплеј има големина од 5,2 инчи и HD резолуција, додека батеријата брои солидни 3.000 mAh, кои ќе бидат скоро сигурно доволни за цел ден користење со едно полнење. Предност на Nokia 5 во однос на конкуренцијата е што има чиста верзија на Android, која има подобри перформанси и дозволува побрзи надградби.

Засега моделот со 3 GB рам ќе биде понуден само на пазарот во Индија, но лично се надевам дека HMD Global наскоро ќе почне да го нуди и на останатите пазари во светот, меѓу кои и нашиот, а со цел да биде поконкурентен на агресивната кинеска конкуренција. Неговата цена кај нас изнесува околу 200 евра само за телефон и кај двата оператори, но цената е реално пониска во мобиларите и многу коректна за смартфон со вакви перформанси. Верзијата со 3 GB рам не би требало да биде многу поскапа, ако и воопшто биде повисока.

Извор: Android Authority, NDTV, GSMArena

Претходна статијаКако да станете пилот
Следна статијаПоследната можност за бесплатна надградба на Windows 10 истекува на 31 декември