HMD Global го лансира првиот од седумте очекувани Nokia смартфони со Android годинава. Иако некои корисници ќе го отфрлат поради малку слабиот чип (Snapdragon 430), се работи за прилично добро избалансиран смартфон со одлична изработка, кој има ниска цена, што го прави достапен за корисниците со поплиток џеб.

Името на телефонот ќе биде Nokia 6, што ни најавува дека финскиот производител ќе ги именува телефоните алфанумерички, што е добра одлука, бидејќи добро ќе ги диференцира моделите. 6-ката има 5,5 инчен дисплеј со солидна Full HD резолуција и изработка од Серија 6000 алуминиум, со специјален анодизиран финиш. Според HMD Global, едно парче алуминиум за Nokia 6 се изработува за 10 часа, па може да се очекува да биде прилично квалитетно.

Nokia 6 има и заоблено стакло на краевите (не и заоблен дисплеј), што го прави исклучително привлечен смартфон, кој наликува на многу поскапи телефони. Според тоа, ова сигурно ќе биде смартфон кој ќе сакате да го покажете наоколу и покрај цената од само 245 долари во Кина (кај нас би можела делумно да се покачи).

Но, логото на Nokia не значи само добар дизајн и квалитетна изработка. Nokia значи и високи перформанси и одлична камера. За перформансите импресиите се малку измешани – процесорот е Snapdragon 430 со осум јадра, кој е само солиден, но затоа помогнат е од дури 4 GB рам меморија, што значи дека нема да има проблем да работите со повеќе апликации одеднаш. Телефонот има и одлични 64 GB простор за складирање податоци, со слот за micro SD картичка.

Во манирите на прав Nokia смартфон, 6-ката има задна камера со 16 мегапиксели со прилично брза бленда од f/2.0 и супер брз “phase detect” автофокусен систем, но снима само Full HD видео поради послабиот чип. За квалитетот на камерата треба да почекаме да ги видиме првите фотографии, но барем на хартија, особено со оглед на цената, таа импресионира. Предната камера пак има многу солидни 8 мегапиксели, што е супер вест за селфи љубителите.

Nokia 6 е опремен и со Dolby Atmos технологија за „опкружувачки звук“ и два стерео звучници. Батеријата има солиден капацитет од 3.000 mAh и благодарение на штедливиот чип би требала без проблем да издржи цел ден користење, додека во предното хардверско копче е вграден и читач за отпечатоци на прстите. Телефонот доаѓа и со вграден Android Nougat, што е одлична вест.

Не толку одлична вест е што Nokia 6 е засега само достапен во Кина и тоа ексклузивно преку jd.com. Сепак, ова нека не Ве обесхрабрува – смартфонот сигурно ќе биде достапен и на другите пазари, веројатно со некои мали промени. Кај нас првите Nokia смартфони со Android ќе пристигнат по Mobile World Congress во Барселона (27 Февруари до 2 Март), каде Финците треба да претстават неколку модели.

Извор: Android Central, Engadget, GSM Arena

Претходна статијаRazer Project Valerie е луд гејмерски лаптоп со три 4K дисплеи
Следна статијаIntel Compute Card е моќен Kaby Lake компјутер со големина на кредитна картичка