london-press

Пазарот за Android телефони од оваа недела доби уште еден интересен уред, во овој случај наменет за љубителите на квалитетен звук. Развиен од страна на Marshall, компанија позната по производство на аудио опрема како засилувачи и слушалки, најавен е како Најгласниот телефон во светот.

Она што го прави телефонот посебен кога се работи за аудио способностите се неколку карактеристики. Главната се двата напред насочени стерео звучници кои што се засилени со посебна аудио картичка Wolfson WM8281, наменета за слушање на аудио во повисока резолуција, како што истакнуваат од компанијата.

Покрај ова, на горната страна наместо еден, поставени се две порти за слушалки, кои што можат независно да го прилагодуваат звукот. Наменети за слушање на музика со пријателите, секој може да ја избере својата јачина на звукот.

marshall-london-phone-7_1900

Од страната, прилагодувачот за звук не е направен во форма на копчиња, како што тоа е случајот со сите други телефони, туку со тркалце за прилагодување кое што треба да овозможи прецизно местење на звукот, а исто така потсетува и на старите аудио уреди кои што обично вклучуваа вакви контроли за звук.

На горната страна од телефонот исто така е поставено и посебно копче со ознака M, наменето за брзо вклучување на избраната главна музичка апликација.

marshall-london-phone-6_1900

Од софтверска страна, Marshall London исто така вклучува и посебен еквилајзер кој што овозможува прилагодување на звукот за сите апликации на телефонот.

Што се однесува до карактеристиките на самиот телефон, тој доаѓа со 4.7 инчен LCD IPS HD 720p екран, Qualcomm Snapdragon 410 чипсет со 1.2 GHz четири јадрен процесор и 2 GB RAM меморија, како и 16 GB меморија за складирање и можност за microSD картичка. Доаѓа со две камери со 8 и 2 мегапиксели и батерија со капацитет од 2.500 mAh.

Работи на Android Lollipop верзија 5.0.2 без значителни промени на корисничкиот интерфејс, освен посебно направените музички апликации.

Marshall London е интересен концепт за телефон во време кога овие уреди се користат од се повеќе корисници за слушање на музика. Уредите специјално наменети за ваква активност помалку се прават, а и корисниците сепак најчесто би сакале да носат само еден уред, па љубителите на слушање на музика, сигурно ќе го најдат овој уред корисен.

Извор: Marshall, The Verge

Претходна статијаWindows 10 Home ќе има задолжителни автоматски надградби
Следна статијаCortana за Android прикажана на интернет, официјална бета верзија за неколку недели
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.