Процесорите во нашите паметни телефони немаат потреба од ладење, односно се ладат пасивно само со испуштање на топлината во околината. Сепак, во случаи на полнење на телефонот или пак на високи температури однадвор, температурата на чипот знае да се искачи прилично многу и да има негативни последици на перформансите, но и на батеријата. Затоа, LG спрема посебен систем за ладење кој ќе ја намалува температурата на чипот, односно топлината ќе ја одведе на безбедно место.
Системот за ладење би бил достапен во новиот G6 смартфон од високата класа кој треба да биде претставен наскоро. Овој систем ќе биде сличен на оној од лаптопите, односно ќе има бакарни цевки кои ќе ја одведуваат топлината од процесорот, но нема да има „кулер”, што секако е и очекувано. На овој начин, од LG велат дека ќе се осигура брзо работење на чипот на високи фреквенции дури и во услови на поголемо загревање, како и помала топлина одведена кон батеријата.
Всушност, безбедноста на батеријата кај LG G6 е и еден од главните фокуси на корејскиот производител, а поради проблемите на Samsung со експлозија на батериите во Note 7. Од LG велат дека покрај системот за ладење, кој температурата на батеријата ќе ја одржува на пониско ниво, нивните батерии се испитувани и на 15% повисока температура од пропишаната со американските и европските стандарди, како и на екстремни притисоци, оштетувања и шокови.
Сето ова би требало да значи дека треба да бидеме целосно сигурни во новиот LG G6 наспроти несигурноста на Samsung со нивниот Galaxy Note 7, се додека не ви кажам дека и тој имаше ист таков систем за ладење со бакарни цевки (на фотографијата погоре). Сепак, LG сигурно ја научил лекцијата од својот конкурент и дополнителните мерки за безбедност секако дека ќе вродат со плод и G6 ќе биде исклучително безбеден смартфон. Покрај тоа, нивниот нов знаменосец ќе биде и конечно отпорен на вода, ќе понуди побезбедна технологија за плаќање, а ќе има и висок дисплеј со 2:1 сооднос на страните (кхм 18:9) што најавува тенок и елегантен дизајн.
LG G6 треба да биде официјално претставен на крајот од Февруари на Mobile World Congress во Барселона, еден месец пред претставувањето на неговиот најголем конкурент Samsung Galaxy S8.
Извор: 9 to 5 Google, Android Central, ZDNet