Алуминиумот е омилениот материјал на производителите на паметни телефони од високата класа, бидејќи оддава чувство на цврстина и луксуз кај телефоните. Сега, LG таквото чувство ќе им го овозможи и на корисниците со поплиток џеб.
Интересно, LG G4, односно телефонот од високата класа на корејскиот производител, не е изработен од метал, што значи дека ова ќе им биде единствен таков телефон во понудата. Class има прилично модерен дизајн, со делумно заоблени страници и назад и напред, благодарение на Gorilla Glass 2.5D стаклото. Достапен е во три бои: сино/црна, сива и златна, кои многу добро изгледаат на метална површина.
Луксузното алуминиумско тело сепак не е придружено со моќни перформанси. Напротив, процесорот е Snapdragon 410 со четири јадра, кој се вградува во многу евтини уреди, помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.
Батеријата има капацитет од 2050 mAh, што е веројатно доволно за овој телефон, особено ако се знае дека големината на екранот е 5 инчи со резолуција од 1280х720 пиксели. Камерите, за разлика од чипсетот, барем на хартија изгледаат одлично: задната има 13 мегапиксели, додека предната има 8 мегапиксели. Секако, LG Class ќе доаѓа со Android 5.1 облечен во скин на LG.
Цената на LG Class во Јужна Кореја, каде прво ќе се продава е 340 долари, што делува малку за телефон со алуминиумско тело, но од друга страна е многу за телефон со вакви спецификации – слични уреди чинат и двојно помалку. Сепак, луксузот секогаш се плаќа, па тука ни LG Class не е исклучок.
Извор: GSM Arena, Techno Buffalo