kirin-31-kirin-chipset_575px

Најголемиот кинески производител на паметни телефони е еден од ретките кој користи свои процесори во телефоните (поточно на HiSilicon, но тие се сопственици на таа компанија), заедно со големците Samsung и Apple. Нивниот најнов чип од високата класа Kirin 960 е според нивни тестирања и најбрз мобилен чип на планетава, барем во лансирањето на апликации, а споредено со iPhone 7 и Galaxy Note 7.

Како и претходникот, чипот има осум јадра од кои четири се новите Cortex-A73 јадра на максимални 2,4 GHz, додека четири се Cortex-A53 на 1,8 GHz. Чипот е изработен со транзистори со големина од 16 nm, што е малку повеќе од денешниот стандард, но производителот е тајванскиот TSMC, кој е познат по квалитетот на самите чипови – тие ги изработуваат и чиповите во iPhone 7. Kirin 960 ќе биде 10% побрз по јадро, односно 18% во мултијадрени ситуации во однос на претходникот.

Новиот чип ќе биде опремен и со многу помоќна графика – Mali-G71 е најновиот дизајн на ARM, кој овозможува исклучителни перформанси (до 180%) и намалена потрошувачка (до 20%) во однос на претходникот. Доколку овие бројки се навистина такви и во реалниот свет, очекувајте идните знаменосци на Huawei да бидат исклучително моќни телефони, дури и за играње на најтешките мобилни игри.

Не помалку важно, Kirin 960 ќе донесе и намалена потрошувачка на енергија. Според Huawei, доколку овој чип се вгради во актуелен телефон на производителот, можноста за играње на Pokemon Go ќе порасне од половина на 1,2 дена траење на батеријата, што делува навистина импресивно. Очекувано, Kirin 960 поддржува супер брз UFS 2.1 микро диск, LPDDR4 рам меморија и LTE модем со брзини од 600 Mbps за симнување и 150 Mbps за качување.

Извор: CNET, Anand Tech, GSM Arena

Претходна статијаApple ќе претстави нови MacBook лаптопи на 27 октомври
Следна статијаЗапочна Самитот Македонија2025 – Настан што го дефинира технолошко-деловниот импулс на македонското стопанство