После повеќе месеци на шпекулации, Apple го претстави iPhone Air, нивниот најтенок телефон досега, во време кога најверојатно никој и не бара тенки телефони. Веќе можевме да ја прочитаме анализата на Марк Гурман според кого овој телефон не е добар избор за повеќето корисници, па сега можеме и да заклучиме зошто воопшто тој е претставен.
Во неговиот најнов неделен билтен, Гурман се задржува на промените кои конечно се донесени кај iPhone моделите кои со години изгледаат исто, а истакнува и дека тие доста подобро се продаваат.
Гурман исто така смета дека е добро што Apple воопшто не говори за вештачка интелигенција, нешто што во нивниот случај е изнудено, но добро е што е така. Главните новини за Siri повторно ги очекуваме за пролет, а Гурман исто така чека да види каков ефект на пазарот ќе направат првите уреди направени специјално за ВИ.
Тоа што ми привлече повеќе внимание во објавата од Гурман е мал дел на крајот во кој истакнува како ќе изгледа iPhone Fold кој се очекува да биде претставен идната година.
Со ова станува јасно зошто е претставен iPhone Air и во основа може да се каже дека тој ја прикажува технологијата која ќе се користи кај првиот iPhone на преклоп.
Првичните информации кажуваа дека iPhone Fold може да се очекува да дојде со надворешен екран помал од 6 инчи, што според мене ќе го направи не толку привлечен за купување.
Сега Гурман кажува дека iPhone Fold ќе изгледа како два iPhone Air поставени еден до друг. Доколку тоа се покаже како точно, овој уред можно е да биде вистински хит кога ќе биде претставен.
Сепак, оваа информација можеби се однесува само на дебелината на уредот, а нема врска со големината на екранот, нешто што прави голема разлика.
Главниот проблем за поголема продажба ќе биде цената која се најавува дека ќе биде најмалку 2000 долари, па можете да замислите која ќе му биде цената во Македонија.
Како и да е, има уште доста додека овој телефон биде претставен. Очекувањата се дека тоа ќе се случи идната година, со iPhone 18 серијата, а за 2027 година се очекува претставување на iPhone без рамки околу екранот.