Фото: Shutterstock.com

Apple денес ќе го одржи нивниот стандарден септемвриски настан на кој ќе ја претстави iPhone 17 серијата, заедно со уште неколку дополнителни уреди. 

Главното внимание на настанот ќе го привлече новиот уред во серијата, кој ќе го замени Plus моделот, наречен iPhone 17 Air и кратко кажано, ќе биде најтенкиот iPhone досега. 

Марк Гурман, во неговиот најнов неделен билтен, прави анализа на овој сѐ уште неофицијален iPhone, па заклучува дека тој нема да биде вистинскиот избор за повеќето купувачи. 

Тој овој став го темели на две основи, односно на карактеристиките кои ќе ги има овој телефон, како и преку споредба со првиот MacBook Air во 2008 година. Логиката на Гурман дефинитивно е добра, па верувам дека реакцијата од корисниците нема да биде многу поразлична. 

iPhone 17 Air, како што добро истакнува Гурман, како главна карактеристика ќе ја има доста малата дебелина која се шпекулира дека ќе биде 5,5 милиметри. Другите карактеристики ќе бидат нешто послаби од останатите модели, па корисниците кои ќе го купат овој модел, тоа ќе го направат само поради тоа што е доста тенок.

Телефонот ќе има помала батерија и само една камера на задната страна, работи кои може да се каже дека се главните карактеристики кај еден телефон и кои прават разлика при купувањето. 

Гурман продолжува со споредба со првиот MacBook Air кој беше претставен во 2008 година. Овој лаптоп не донесе баш најдобар избор кога се во прашање карактеристиките, па главната привлечност му беше во тоа што беше навистина тенок и лесен, со одличен дизајн. 

Продажбата на првиот модел не може да се спореди со поновите модели, а денес MacBook Air е еден од најпопуларните лаптоп компјутери на пазарот. Во годините што следеа, останатите MacBook модели ги добија дел од новините кои беа претставени со MacBook Air.

Според Гурман, исто како со MacBook Air, iPhone Air ќе ја постави основата за иднината на iPhone, односно како што технологијата ќе се подобрува, така повторно ќе почнеме да гледаме потенки телефони, но без потреба од компромис кај карактеристиките. 

Настанот на Apple ќе стане достапен од 19:00 часот денес, па ќе видиме дали од компанијата ќе не изненадат со некоја од карактеристиките, односно ќе видиме конечно што ќе биде претставено. 

ИЗВОРBloomberg
Претходна статијаПретставена програмата на првиот Investment.Weekend: Инвестициските лидери доаѓаат во Ровињ
Следна статијаВашата приватност, заштитена: Како Galaxy AI ви овозможува да ја преземете контролата врз вашите податоци
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.