2234701_innos-d6000

Веројатно, две сим картички во еден телефон ве асоцираат на некој кинески производ, нели? Подгответе се и две батерии да ве асоцираат на кинески телефон, бидејќи Innos D6000 е првиот од таков тип во светот.

Се работи за Android паметен телефон, со 5,2 инчен Full HD екран, Snapdragon octa-core 615 процесор, 2 GB рам меморија, 16 мегапиксели Omnivision задна и 5 мегапиксели предна камера. Верзијата на оперативниот систем е KitKat 4.4.4 и не се знае дали е планирана надградба на Lollipop. Според спецификациите, типичен уред од средно – високата класа.

Сепак, она по кое Innos D6000 се разликува од сите други паметни телефони е тоа што има две батерии во него. Едната има капацитет од 3.500 mAh и може лесно да се отстрани, додека другата има капацитет од 2.500 mAh и е вградена во шасијата на телефонот. Заедно, двете батерии имаат фантастичен капацитет од 6.000 mAh, што е повеќе од дупло од најдобрите паметни телефони денес, што значи дека два дена користење со едно полнење не се на одмет.

Но, зошто две батерии? Причината е многу едноставна. Променливата батерија со капацитет од 3.500 mAh може лесно да се замени со друга, само со отворање на задното капаче, а притоа да не се гаси телефонот, бидејќи ќе биде напојуван од внатрешната батерија, која не се троши се додека не се истроши променливата. Можеби на многумина нема да им биде проблем да го рестартираат телефонот, но има многу ситуации каде би било корисно да остане вклучен, како на пример навигација и сл.

maxresdefault

Двете батерии ќе се полнат преку USB Type-C интерфејс, оној истиот што се вградува во новиот Macbook, а ќе се вградува и во многу идни паметни телефони. Предноста на ваквиот приклучок е што е ист од двете страни, што значи дека нема веќе да можете да промашите при ставањето на кабелот, а исто така и поголемиот трансфер на податоци и енергија. Благодарение на тоа, со фабричкиот полнач, двете батерии ќе се полнат за само 120 минути.

Единствен недостаток на Innos D6000 се чини е поголемата дебелина од 12 mm, но тоа е и очекувано, а и може да се замижи, особено ако се знае дека чини само 280 долари во Кина. Заинтересираните веројатно ќе можат наскоро и да го порачаат преку кинеските онлајн продавници.

Извор: Digital Trends

Претходна статијаСепак Microsoft нема да го финансира Cyanogen OS
Следна статијаQualcomm Snapdragon 820 сега и со вграден силиконски мозок