Останува уште точно една недела до Galaxy Unpacked настанот кој Samsung оваа година ќе го одржи во Сеул, Јужна Кореа. На овој настан во главно знаеме што да очекуваме да биде претставено, а тоа се двата уреди на преклоп од компанијата, како и новата генерација од паметните часовници кои се едни од најпопуларните на пазарот.
Можевме доста да прочитаме за Galaxy Z Fold5, а во главно поврзано со механизмот за преклоп, кој оваа година треба да биде редизајниран и да овозможи намалување на дебелината на уредот, како и линијата која се појавува на местото каде што се превиткува екранот.
Главниот за мобилниот бизнис и дизајн во Samsung, ТМ Рох, објави статија во која говори за целите и начинот на функционирање на компанијата. Во еден дел тој потврдува дека може да се очекува намалување на дебелината и тежината на двата уреди на преклоп, па со тоа може да се очекува значително подобрување на годинешните модели.
„Ги подигнавме стандардите за ергономијата на смартфоните на преклопување. Разликата од милиметар во дебелината на уредот можеби не звучи како голема промена, но секој грам и милиметар во преклоплив уред бара инженерски пробив. Бара изработка со страст. Кога се работи добро, придобивката за корисниците е огромна. Затоа иновиравме за да ги направиме нашите најнови уреди на преклоп потенки и полесни од нашите претходни генерации.“ – истакнува ТМ Рох.
Како што може да се види од бројката во самото име, Samsung веќе стига до петтата генерација од нивните уреди на преклоп. Тие се главниот играч на овој пазар, иако конкуренцијата и не е баш така мала.
За оваа година очекуваме средување на некои од карактеристиките кои се предмет на критики и продолжување на одличната работа во овој дел.