Corning минатата година претстави нова генерација од нивното заштитно стакло за смартфоните, Gorilla Armor, кое ексклузивно стана достапно на почетокот кај Galaxy S24 Ultra. Оваа нова генерација од Gorilla стаклото привлече посебно внимание, а од Samsung специјално објавија видео од Маркез Браунли.
Очекувано е дека нешто слично може да се очекува и идната година со претставувањето на Galaxy S25 Ultra, па според Ice universe, така и ќе биде. Втората генерација од Gorilla Armor стаклото повторно ексклузивно ќе биде претставено и достапно преку најдоброто од Samsung, а не останува уште многу за да видиме дали тоа навистина ќе биде така.
Galaxy Unpacked настанот, кој веќе стандардно се одржува на почетокот од годината, неофицијално се најавува за 22 јануари, а повторно настанот ќе се одржи во Сан Франциско.
За Galaxy S25 Ultra се очекува дека ќе добие рамен екран, нешто што според мене ќе го направи доста подобар на изглед, а и за користење, како и заоблени агли, што ќе направат да телефонот не изгледа како „кутија“.
Нема дополнителни информации за Gorilla Armor 2, но се очекува дека повторно ќе дојде со слој против отсјај, нешто што имаше одлични оценки кај Galaxy S24 Ultra, а се очекува и подобрување на способноста за заштита, како и исправање на некои од слабостите на моменталната верзија.