Фанови на Galaxy Note 7 серијата кои моравте да ги вратите своите смартфони поради опасност од експлозија, конечно после 8-9 месеци чекање можете повторно да го имате телефонот на кој никогаш не успеавте да му се израдувате и тоа без опасноста од експлозија.

За ова сепак ќе треба да одите на шопинг во Јужна Кореја, бидејќи според најновите информации, Samsung само таму ќе го лансира овој телефон.

Како што веќе најавивме, телефонот ќе биде “refurbished”, односно се работи за истите уреди од Galaxy Note 7 кои не беа продадени, односно беа повлечени од пазарот, но со сменети батерии со помал капацитет од 3.200 mAh.

Останатите компоненти ќе бидат целосно исти – Exynos 8890 процесор, 4 GB рам меморија, 64 GB простор со слот за micro SD картичка, 12 мегапиксели задна и 5 мегапиксели предна камера со f/1.7 бленда, 5,7 инчен дисплеј со Quad HD резолуција и Samsung S-Pen дигитално пенкалце. Како и сите смартфони од високата класа на Samsung последниве неколку години и Fan Edition е IP68 водоотпорен.

Samsung планира да продаде 400.000 Galaxy Note Fan Edition уреди на домашниот пазар, што скоро сигурно ќе им успее, иако за месец и половина подоцна пристигнува новиот Galaxy Note 8. Цената на Galaxy Note Fan Edition во Јужна Кореја ќе изнесува 611 долари, што не е особено ниско, но поради слабата достапност, очекувајте овие смартфони добро да ја задржат цената и на пазарите за половни телефони. Оваа верзија на телефонот ќе биде достапна и во истите бои на оригиналниот уред – Сина, Златна, Сребрена и Црна.

Извор: Android Central, 9 to 5 Google, BBC

Претходна статијаSony ќе лансира смартфон без рамка околу дисплејот на IFA во Берлин?
Следна статијаВнимателно со лековите доколку се подготвувате за патување