Сите вљубеници во Windows 10 Mobile, но и сите оние кои сакаат да искусат нешто ново, отсега ќе можат тоа да го направат и со популарниот модел на Xiaomi Mi 4, за кого отсега е официјално достапен ROM со Windows 10 Mobile, а во соработка со Microsoft.
Верзијата на Windows 10 Mobile која ќе ја добиете секако не е финална, но од Windows Central јавуваат дека работи без поголеми проблеми, односно ги има истите ситни багови како во Insider верзиите за Lumia телефоните.
Перформансите се одлични – Mi 4 има Snapdragon 801 процесор и 3 GB рам меморија, што е доволно за брза и мазна работа со лесниот Windows 10 Mobile оперативен систем, а исто така, новиот кориснички интерфејс изгледа одлично на дисплејот со големина од 5 инчи и Full HD резолуција.
Корисниците сепак нема да имаат можност да го искусат Continuum – телефонот нема таква можност. Исто така, според информациите на Windows Central, камерата не вади најдобри резултати, бидејќи алгоритмите веројатно не се оптимизирани за сензорот на Mi 4, а и копчињата во долниот дел се обратно поставени од оние кај другите Windows 10 Mobile смартфони. Останатото сепак е прилично стандардно Windows 10 Mobile искуство и тоа без дополнително инсталирани апликации, што е одлична вест.
Префрлањето на Windows 10 Mobile од Android на Xiaomi Mi 4 е многу лесно – корисниците треба ROM-от да го симнат од супер активните форуми на Xiaomi и потоа да го симнат и специјалниот софтвер, со кого ќе можат многу брзо да го инсталираат оперативниот систем. Од Windows Central јавуваат дека ова трае многу кратко и не би требало да одземе долго време.
Секако, предупредување дека во овој случај ја губите Android верзијата, односно се додека не се одлучите да ја вратите назад преку истиот софтвер со кој инсталиравте Windows 10 Mobile. Исто така, Windows 10 Mobile ROM-от функционира само кај 4G LTE верзијата на Xiaomi Mi 4, која за среќа е достапна и кај нас.
Извор: Windows Central (1) (2)
Други линкови: Софтвер за инсталација (флешување), Windows 10 Mobile ROM