Според објава од Bloomberg, Apple оваа година ќе започне да ги користи новите силициумски батерии, кои кинеските производители веќе започнаа да ги користат, а првиот уред кој ќе ја добие ваквата батерија очекувано ќе биде iPhone Air.
Името, како и телефонот, сѐ уште се неофицијални, но со оглед на бројот и видот на информациите, верувам дека мали се шансите Apple во септември да не претстави доста тенка верзија од iPhone.
Главната „маана“ на овие телефони, кои изгледа од оваа година ќе станат нов тренд, е помалиот простор за компоненти, па една од работите која мора да биде намалена е батеријата.
Ние веќе имаме проблем и со стандардните телефони кои ретко издржуваат до наредниот ден на едно полнење, па телефон со помала батерија може да биде проблем.
Првите тестови на Galaxy S25 Edge од Samsung покажуваат дека стравовите за тоа колку би издржала батеријата кај еден ваков уред се оправдани, па овој телефон дефинитивно ќе мора да се полни барем два пати дневно.
Apple наводно кај нивниот тенок iPhone ќе почнат да ја користат новата технологија за батерии која користи силициум наместо графит, а според информациите овие батерии овозможуваат 15% поголем капацитет на истиот простор.
Според информациите, компанијата која ќе ги произведува овие батерии е TDK, а тие веќе го имаат зголемено производството.
Првичните информации беа дека Apple дури идната година ќе почне да ги користи овие батерии, па ќе видиме во септември што ќе испадне точно.
Друг начин на кој се очекува дека Apple ќе се обиде да ја подобри издржливоста на тенкиот iPhone е преку вештачката интелигенција која ќе ја прилагодува потребната енергија која ја користи телефонот врз основа на навиките на корисникот. Доколку ова биде направено во комбинација со силициумските батерии, може да се очекува доста добро траење на батеријата.