Најдобриот телефон на порано францускиот бренд отсега доаѓа и со Windows 10 Mobile оперативен систем, со неколку промени кои го прават побрз, но ултимативно послаб за гледање на VR содржини. Зошто е тоа важно? Бидејќи доаѓа со вградени VR „очила“ за гледање вирутелни содржини.
Она што ја прави Windows верзијата послаба е AMOLED дисплејот со Full HD резолуција и големина од 5,5 инчи. Ова е можеби доволно за стандардно користење и ретко кој ќе може да забележи пиксел на овој дисплеј, но кога се користи со VR очилата, очекувајте да ги видите сите пиксели. Тука секако помага Quad HD резолуцијата на телефонот со Android.
Од друга страна телефонот со Windows 10 Mobile доаѓа со многу помоќен процесор Snapdragon 820, наместо Snapdragon 652 во Android верзијата. Ова може да направи многу разлика особено во играњето игри и 3D апликациите, но најголема придобивка ќе имаат оние кои ќе ја користат Continuum функцијата за работење на телефонот во десктоп околина на поголем дисплеј.
Моќниот процесор е помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор, повторно подобро од Android верзијата, но камерите се повторно подобри – задната сега има 21 мегапиксел, додека предната има 8 мегапиксели. Батеријата пак има 3.000 mAh, што треба да е доволно за целодневно користење, особено со оглед на тоа што дисплејот има помала резолуција.
Alcatel Idol 4S со Windows 10 Mobile може да се пофали и со стерео звучници кои се насочени директно кон слушателот, што е одлична вест за оние кои често го користат телефонот за слушање музика или гледање видеа и филмови.
Сепак, најголем недостаток на овој телефон се чини е самиот оперативен систем. Купувачите веќе не се расположени за купување на телефон со Windows 10 Mobile, а и самиот еко систем е и натаму сиромашен. Исто така, апликациите кои веќе ги има не се најстабилни, а особено оние кои се префрлени од iOS, како Facebook, Messenger и Instagram. Од друга страна добра вест е што овој телефон ќе добива многубројни надградби во иднината, што е предност која ја уживаат сите корисници на Windows телефони.
Неговата цена изнесува релативно ниски 470 долари во САД и тој таму ќе биде достапен само во T-Mobile, што значи дека никогаш и нема да можете да го купите кај нас.