Tizen оперативниот систем може да се каже дека е доволно познат на корисниците. Тоа пред се’ се должи на компаниите кои што стојат зад неговиот развој, односно Samsung и Intel меѓу другите, па неговата промоција не е нешто што би одело тешко.
На овој оперативен систем веќе можевме да видиме дека работат неколку паметни часовници и телефони од Samsung. Сепак, главниот оперативен систем на кој што работат од компанијата остана Android, па бројот на уреди со Tizen не е нешто голем.
Според некои информации, Tizen има одреден раст, па тој сега има поголем пазарен удел од BlackBerry, доколку тоа може да се смета за успех со оглед на тоа што скоро никој веќе не користи мобилни од оваа некогаш многу популарна компанија (ова може да се промени со претставувањето на телефон со Android).
Како и да е, Tizen е тука и не се планира негово откажување, а според неофицијалните информации кои што доаѓаат од портал од Виетнам, Samsung планира и да го зајакне овој оперативен систем.
Тоа се разбира најдобро може да го направи со претставување на нови модели од високата класа, нешто кое што се тврди во неофицијалните информации. Со оглед на влијанието на Samsung, односно довербата кај корисниците, претставување на модел од високата класа кој што работи и на друг оперативен од Android, сигурно ќе добие добра шанса од страна на корисниците.