Ажурирано: Сепак се очекува модерните апликации да може да бидат поставени на taskbar-от, од таму да бидат исклучувани, меѓутоа сеуште не би требало да биде воведена најавуваната можност за нивно користење во посебен прозорец.
Како што веќе пишувавме за можните надградби и верзии на Windows, Update 1 е една од нив која што се очекува да биде претставена оваа година. Нема многу информации за тоа што би донела оваа верзија, односно дали само подобрување на перформансите, закрпи за одредени проблеми или и одредени нови функции.
Една од често споменуваните нови функции на Windows е можноста да модерните апликации, односно апликациите во основа наменети за екраните со допир, ги отворате и во десктоп околината во посебен прозорец. Оваа функција беше спомената како можна за Windows 9 или како што уште се нарекува и Treshold верзијата која што се очекува да биде претставена на годинешната Build конференција, а пуштена за корисниците за една година.
Меѓутоа според слики пуштени на интернет од страна на WZor, оваа функција може да биде овозможена порано од очекувањата. Поточно од сликата може да се види модерна апликација, во случајот продавницата за апликации, како стои на taskbar-от како обична десктоп апликација. Исто така на сликата се гледа нова можност, Show Store apps on the taskbar, која што корисниците може да изберат да ја користат. Дали ова значи дека модерните апликации ќе може да се отворат во посебен прозорец во десктоп околината, или на почеток ќе може само да се додадат на taskbar-от, како еден вид на вовед во главната функционалност за идната година, сеуште не е познато. Сепак не е сигурно колку оваа информација е точна, односно дали навистина се работи за надградба на Windows 8.1 со името Update 1 и кога би била навистина претставена. Како и секогаш останува да почекаме и да видиме што ќе биде претставено на крај.