Пред неколку дена, Microsoft го пушти најновиот Build 10051 од Windows 10 за телефоните. За оние што не знаат, ова е техничка верзија која е само најава за тоа што ќе има во новиот оперативен систем и не е за генерално користење. За разлика од претходната верзија, оваа е достапна за многу повеќе уреди, а донесува и неколку нови универзални апликации, кои се истите оние од десктоп/лаптоп верзијата.
Но, да почнеме од она што прво се забележува, а тоа е дека и во оваа верзија, особено на мојот Lumia 520, оперативниот систем е мнооогу спор. Стартувањето на апликациите се чини како засекогаш, има сецкање во скролањето во оперативниот систем, на што ние Windows Phone корисниците особено не сме навикнати, па дури е споро и стартувањето на системските сетинзи.
Покрај тоа, има уште многу багови, крашнувања на апликации и генерална нереспонзивност, што значи дека оваа верзија е наменета за дивелоперите на апликации, но и на оние кои „мораат“ да го пробаат најновото. Сепак, самото тоа што најевтините Windows телефони можат да се најдат и за цена од околу 50 евра, барем не е скапо да се купи втор телефон на кој ќе може да се испитува системот.
Новитет во оваа верзија се неколку нови апликации. За прв пат кај телефоните имаме можност да го видиме Project Spartan, новиот пребарувач на Microsoft, кој ќе треба да ја врати славата на Internet Explorer од пред многу години. Spartan е целосно нов пребарувач, со нов интерфејс, но и целосна нова позадина, која би требала да овозможи ултра брзо отворање на страните, но и големи можности за надградба со екстензии. На прв поглед, делува свежо и интуитивно, иако страните се уште не се отвораат со најавената брзина, што е веројатно поради раната верзија. Најмногу ми се допадна Reading View, кој ги трга сите непотребни реклами и дистракции и ги става само текстот и сликите во преден план, што во големо го подобрува сурфањето на телефони со помали екрани.
Во Build 10051 пристигнаа и новите Outlook и Calendar апликации, кои изгледаат модерно и минималистички, иако тврдокорните Windows Phone фанови ќе забележат на хамбургер менито (трите линии во горниот лев дел), кое веќе го користат iOS и Android. Сепак, ова барем ќе овозможи еднаквост меѓу апликациите на сите оперативни системи, па на корисниците ќе им биде помал проблем да се префрлат од еден на друг. Самите апликации се многу, многу покорисни од тие денес и имаат ист интерфејс како оние за Windows 10 за компјутерите. Outlook Email апликацијата има особено големи подобрувања и овозможува унифициран инбокс со сите постоечки акаунти, како на пример Gmail или некој професионален акаунт, а има и подобрувања за бришење на мејловите, со “swipe” на самиот наслов на мејлот…
Подобрени се и апликациите за телефон и пораки, кои имаат многу нови можности. Особено е подобрена онаа за пораки, каде сега е вграден Skype, а особено е добра новата тастатура, која има специјален џојстик за мрдање на курсорот, кој работи одлично, како и можност за намалување на тастатурата и носење на левиот или десниот крај на интерфејсот кај поголемите телефони, со цел можност за користење со една рака.
Новата апликација за камерата е скоро иста како Lumia Camera и овозможува многу мануелни контроли, но и нов HDR мод на сликање и е една од светлите страни на овој апдејт (иако многу бавна), а нова е и апликацијата за мапи, која изгледа многу помодерно и е многу покорисна, со повеќе информации за лолкациите. Сепак, не сите апликации се подобрени. Новата People апликација е во најмала рака ужасна (делот кај што се контактите е смешно мал) и се чини ќе има многу промени пред финалната верзија, па затоа и нема да и посветиме толку многу внимание.
Покрај новите апликации, обновен е и делот за мултитаскинг, па сега со стискање на копчето, претходно стартуваните апликации се покажуваат во десно, наместо во лево, додека кај телефоните со над 5 инчи, се покажуваат четири апликации на еден екран, што драстично ќе го подобри работењето со повеќе апликации одеднаш.
Според она што уште сега го гледаме како новитет кај Windows 10 за телефоните, Microsoft дефинитивно ќе има подобар, но особено важно, унифициран оперативен систем со оној на компјутерите. А бидејќи повеќето од нас имаме Windows компјутери, користењето на Windows 10 на телефон ќе биде многу поприродно искуство, нешто што Microsoft одамна веќе сака да го постигне. Како и да е, за финален заклучок дефинитивно ќе треба да почекаме уште некој месец, a промени дефинитивно ќе има, особено бидејќи се работи за верзија во која може да се остава фидбек до Microsoft, нешто што Windows заедницата го прави со исклучително силно темпо. И најважно од се, софтверскиот гигант вградува многу од предлозите на корисниците.
Извор: PC World, Windows Central