Иако се работи за единствениот оперативен систем во светот, кој ќе работи на цела дузина уреди, вклучувајќи ги смартфоните, компјутерите и XboX, Windows 10 сепак ќе доаѓа во неколку различни едиции, наменети за различни уреди, но и за различни корисници.
Ќе постојат вкупно 6 различни Windows 10 изведби и тоа: Home, Mobile, Pro, Enterprise, Education и Mobile Enterprise. Најинтересно е враќањето на името Mobile за оперативниот систем наменет за телефоните, како што беше случај пред Windows Phone 7. Сите едиции ќе имаат иста позадина, со тоа што онаа за телефоните ќе може да работи и на ARM процесори, додека другите ќе работат исклучиво на процесори со x86 архитектура (Intel и AMD).
Но, која едиција вие да ја изберете? Повеќето од нив се исти како досега, но еве на кратко ќе објасниме:
Windows 10 Home: Десктоп едиција за сите кои го користиме компјутерот за домашни потреби, па и нешто повеќе. Ќе ги вклучува сите новитети, како Continuum, Microsoft Edge и новите универзални апликации.
Windows 10 Mobile: Телефонската изведба, која ќе биде наследник на Windows Phone 8.1. Ќе ги поддржува сите новитети кои се најавени со Windows 10 кај телефоните, а ќе се користи во уреди од 3 до 7,99 инчи.
Windows 10 Mobile Enterprise: За прв пат кај смартфоните ќе имаме и оперативен систем наменет исклучиво за професионалците. Ќе биде ист како обичниот, со тоа што ќе има многу подлабока заштита и енкрипција на податоците.
Windows 10 Pro: Наменета за “Power” корисниците, односно сите оние кои сакаат подлабока интеракција со оперативниот систем.
Windows 10 Enterprise: Оваа едиција ќе може да се лиценцира во големи количини и ќе биде наменета само за компаниите. Заедно со Pro изведбата и двете ќе имаат можност за надградба на Windows 10 for Business, изведба која дозволува корисниците да не ги инсталираат сите сигурносни надградби пред да проверат дали ќе направат проблем со некои од програмите.
Windows 10 Education: Оваа верзија ќе можат да ја лиценцираат само училиштата и академските установи и ќе биде наменета за учителите и студентите.
Windows 10 IoT Core: Наменета за малите “Internet of Things” уреди, како на пример паметните термостати, кујнски уреди и слично.
Сите што досега имавте Windows 7 или Windows 8.1 оперативен систем, ќе можете да ги добиете сите овие надградби бесплатно, дури и за оние со пиратска верзија. Цената на оперативниот систем пак за оние што имаа Vista или XP засега не е позната, но би требала да биде пониска од онаа на Windows 8.1.
Windows 10 ќе биде достапен кон крајот на летово, но прво ќе пристигнат верзиите за компјутерите, додека покасно треба да пристигнат верзиите и за паметните телефони и “Internet of Things”.