Само што се израдувавме на бесплатната надградба на Windows 10, достапна дури и за пиратските верзии, Microsoft не послужи со одлука која веројатно нема да ги израдува корисниците кои сакаат повеќе да експериментираат со својот компјутер, како на пример да инсталираат нови оперативни системи.
Досега многу лаптопи со вграден Windows 8 и 8.1 оперативен систем, кои имаа лепенка „Дизајнирано за Windows 8“, имаа UEFI Secure Boot, односно кај нив не е можно да се инсталира друг оперативен систем. Корисниците кои често сакаат да експериментираат со Linux, но и со правење на Hacintosh компјутер (Macintosh оперативен систем, инсталиран на лаптоп од друг бренд освен Apple) или пак инсталирање постара верзија на Windows, буквално не се во можност да го направат тоа на компјутер со фабрички инсталиран Windows 8.1.
Windows 10 ќе ги зголеми рестрикциите во овој поглед, но барем од Microsoft, тврдат дека тоа е заради зголемување на безбедноста. Имено, со UEFI Secure Boot се намалува можноста за Malware кој може да функционира уште при пуштањето на компјутерот. Ваквите „вируси“ се обично најопасни, бидејќи многу тешко се детектираат и чистат од антивирусните системи и можат да направат вистински хаос во системот. Secure Boot ги верифицира сите дигитални потписи на софтверите кои се стартуваат со компјутерот, што во големо ги намалува шансите за Malware.
Бидејќи Windows 10 во овој случај има пристап и до Boot опциите, автоматски ќе им забрани на евентуално другите оперативни системи, како на пример Linux Ubuntu или Macintosh, да стартуваат со пуштањето на лаптопот. Оваа забрана сигурно ќе се однесува на компјутерите со „Дизајнирано за Windows 10“ лепенка, но и натаму не е јасно дали истата забрана ќе ја имаат и корисниците кои сами ќе го инсталираат новиот оперативен систем на Microsoft.
Сепак, се уште немаме целосни информации за тоа каква ќе биде одлуката на Microsoft, но за очекување е дополнително затворање на Windows 10, пред се за заштита, но и во поглед на продолжување на доминацијата кај оперативните системи за компјутерите.
Извор: Ubergizmo