Веќе се ближи крајот на месец април, што значи дека е време за .04 верзијата од најпознатата Linux дистрибуција Ubuntu. Верзијата и името на новата верзија се 19.04 Disco Dingo, а корисниците може да очекуваат повеќе новости.
Главната новост во оваа верзија, која би требало најлесно да се забележи од страна на корисниците е новата верзија од GNOME, поточно 3.32. За потсетување, Ubuntu повторно се врати на оваа десктоп околина по одлуката да престанат со развојот на сопствената Unity.
GNOME 3.32 донесува повеќе новини, а се истакнува и дека имплементацијата на околината е значително подобрена во оваа верзија од Ubuntu. Тоа значи дека корисниците ќе забележат значително подобрување во перформансите, односно брзината и „мазноста“ на работењето, анимациите, како и графичките елементи.
Како и секогаш, оваа верзија донесува и нова позадина, а тука се и новите икони за апликациите, како и новите верзии од апликациите кои доаѓаат прединсталирани со Ubuntu.
Друга новина со Ubuntu 19.04 е вклучувањето на нов кернел, односно Linux Kernel 5.0. Оваа верзија од кернелот доаѓа со поддршка за повеќе монитори и нивните технологии, нови и повеќе графички картички и повеќе.
Сите новини во Ubuntu 19.04 Disco Dingo можете да ги видите одлично објаснети од најдобрите на оваа тема, OMG! Ubuntu, во видеото во продолжение.