Notification Center, односно централно место за сите нотификации е една од најбараните функции на корисниците на Windows Phone платформата. До сега објаснувањето на Microsoft за не вклучувањето на ваква функција во нивниот мобилен оперативен систем се плочките кои што се ажурирани во живо, што според нив ја заменуваат потребата од центар за нотификации. Ваква функција е веќе одамна достапна на Android оперативниот систем, а додадена е и во iOS.
Според информации кои што кружат како што се ближи датумот кога ќе биде претставен Windows Phone 8.1, Microsoft планира да вклучи центар за нотификации, покрај другите нови функции. Windows Phone 8.1 треба да биде претставен на Microsoft Build конференцијата која што ќе се одржи на 2 – 4 Април оваа година.
[showcase id=”4306″]
Според сликите пуштени на интернет од страна на Winphollowers, а потврдени од неколку извори на портали, вклучувањето на центар за нотификации во новата верзија од Windows Phone е сигурна. Од сликите може да се види дека центарот за нотификации ќе биде наречен Action Center. До него ќе се пристапува преку повлекување од горната страна, односно со едно кратко повлекување ќе се отвори само дел од центарот на кого ќе бидат поставени кратенки преку кои што ќе може да се вклучат или исклучат Wi-Fi мрежата, Bluetooth и други сервиси за кои што ќе има можност да бидат менувани. Со целосно повлекување ќе биде прикажан целиот центар на кого ќе бидат прикажани нотификациите од апликациите. Истите ќе имаат можност да бидат „интелигентно“ менаџирани, односно тивко да бидат додавани, ажурирани и избришани. Ова ќе овозможи програмерите на апликациите да одредуваат на каков начин ќе им бидат презентирани нотификациите на корисниците, односно истите ќе може да бидат поставени во центарот без притоа да биде известен корисникот.
Извор: Winphollowers