Неофицијални слики од најчестиот извор за вакви работи, SmartPix, ги прикажуваат промените кои треба да бидат дел од наредната генерација од One UI.
За One UI 7 веќе можевме да прочитаме дека ќе биде најголемата надградба досега, па овие слики може да се каже дека го потврдуваат тоа.
Од сликите кои се објавени можат да се видат неколку клучни промени, а јас би додал дека тие се потребни, направени се одлично и ќе го подобрат корисничкото искуство.
Промена добиваат иконите, односно иконите од системските апликации и тие од Samsung. Се работи за редизајн кој ќе го освежи главниот екран, а посебно кога не се користат новите можности за иста боја на сите икони.
Друго што се гледа од сликите е дека елементите на корисничкиот интерфејс, вклучувајќи ги и тие во Settings, добиваат повеќе заоблени агли, нешто што може да се каже е тренд изминатите години.
Промената која се прикажува на сликите, а привлекува најголемо внимание е промената на начинот на прикажување на известувањата и кратенките за контроли.
Од сликите се гледа концепт кој повеќе години е карактеристичен за Apple, а во последно време и од Xiaomi, односно концептот за посебни делови за известувања и за контроли.
Дали Samsung навистина се имаат одлучено за нешто вакво, ќе мора да почекаме до пуштање на првата бета верзија од One UI 7, кој се очекува оваа недела, за да видиме.
Од SmartPix дополнително најавуваат и поголемо подобрување кај анимациите, како и нова функција наречена „Continuity notifications“, односно можноста за испраќање на известувањата на другите уреди каде корисникот е најавен со Samsung сметката.