По првото претставување на Windows 10 во јавноста како период за неговата достапност во финална верзија наменета за сите корисници се најавуваше оваа есен. Потоа на задоволство на активните корисници овој период беше скратен, па сега последната официјална информација е дека оперативниот систем ќе биде достапен од ова лето.
Информацијата дојде директно од Тери Маерсон, меѓутоа тој не даде некоја поконкретна дата, па корисниците останаа да го чекаат летото.
Сепак летото е широк термин, па достапноста може да биде и при крајот на истото, што не би било нешто многу порано од претходно најавената достапност за есента. Корисниците кои што ги следат ваквите случувања се нетрпеливи, па секоја дополнителна информација е секако добредојдена.
Директорот на AMD изгледа дека предвреме даде поконкретна информација за тоа кога може да ја очекуваме финалната верзија од Windows 10. Според неа периодот од летото кој што е планиран е крајот на Јули, односно на почетокот на понудите популарни во САД наречени Back to school.
Според некои луѓе се поставува прашањето за стабилноста на оперативниот систем при неговото пуштање за сите корисници. Тест верзиите кои што се моментално достапни покажуваат дека системот има уште доста за да се каже дека е завршен, па доколку Microsoft не е доста понапред од тоа што и го дава на јавноста за тестирање, реално се поставува прашањето и за стабилноста и завршеноста за Windows 10, како и за точноста на информацијата за периодот на пуштање.
Извор: Neowin