Како што беше најавено, од овој месец Microsoft треба повторно да ја направи достапна Recall функцијата која беше една од главните при презентацијата на Copilot+ брендот за компјутерите кои работат на Snapdragon X чиповите. 

Прашањето кое се поставува е зошто од компанијата воопшто дозволија да пуштат една ваква функција, која прави слика од се’ што прави корисникот на својот компјутер, со толку малку заштита на податоците од можна „кражба“. 

Поради ова се доведува во прашање и значењето на Recall, односно колку навистина ќе им користи на корисниците кои сега имаат и сомневање за нивната приватност. 

Во најновата објава од Дејвит Вестон, потпретседател во Microsoft за безбедност на компаниите и оперативните системи, тој ги истакнува промените кои се воведени кај Recall, а во тоа навлегува со доста технички детали. 

Една од главните работи која требаше да биде достапна уште од почеток, а е доста едноставна, е можноста за избор на корисниците дали сакаат да ја користат Recall функцијата. Сега истото е целосно по избор, па Recall не е автоматски вклучен. 

Корисниците дури можат целосно да ја тргнат функцијата преку Settings, па воопшто да не може ни да се вклучи, ни по грешка.

Втората новина која се истакнува е целосното шифрирање на податоците, односно сликите кои ги прави Recall. Клучевите кои се користат за шифрирање и дешифрирање се чуваат локално, односно во TPM чипот од процесорот. За пристап до нив се користи Windows Hello Enhances Security функцијата која овозможува отклучување само од страна на корисникот. 

Дополнително, клучевите се изолирани преку VBS Enclave, што значи дека и други корисници на компјутерот немаат пристап до нив, не само надворешни страни. 

Дешифрирањето на податоците се прави само кога корисникот ја користи функцијата, а единствените информации кои се дешифрираат се тие кои корисникот ги користи во моментот. 

Microsoft воведува е нови функции поврзани со приватноста на Recall функцијата, па истата не функционира кога корисникот користи приватен режим кај одредени прелистувачи, корисникот ќе може да избере функцијата да не работи кога се користат одредени апликации, Recall веќе нема да прави слики од лозинки, лични карти и слични информации, а корисникот исто така ќе може да избере и колку време се чуваат сликите на компјутерот. 

И покрај сите овие промени, повторно се поставува прашањето дали една ваква функција е навистина потребна за повеќето корисници, па останува да видиме колку ќе се покаже како популарна кога ќе биде официјално пуштена за сите. 

ИЗВОРTechSpot
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаВо сабота јубилејна 20-та „Бела ноќ“ во Скопје
Следна статијаMicrosoft ја пушти Windows 11 2024 надградбата
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.