Функција која како основна задача има снимање на се што прави корисникот на компјутерот, очекувано е дека ќе привлече големо внимание, а посебно во делот за безбедноста и приватноста на податоците.
Recall е нова функција која ќе дојде кај Copilot+ компјутерите и ќе им овозможи на корисниците да го пребаруваат секој момент од користењето на компјутерот со помош на вештачката интелигенција.
Од Microsoft истакнаа дека Recall е направена уште од почетокот со акцент на приватноста на корисниците, па податоците кои се создаваат се чуваат само локално, односно на компјутерот од корисникот. Тоа значи дека податоците не се прикачуваат на серверите од компанијата, па корисниците не треба да се грижат дека некој ќе може да ги види.
Сепак, тестирањата на се’ уште недостапната Recall покажуваат дека податоците се чуваат во дата база која не е шифрирана, односно е направена во обичен текст и до истата може лесно да се пристапи, дури и преку друг корисник на истиот компјутер.
Ова ја прави функцијата потенцијална мета на малициозен софтвер, а тука се и предупредувањата за можните проблеми кои би се јавиле во судските процеси, во чувањето на податоците за клиенти и слично.
Од Microsoft сепак на гледаат проблем со Recall, па главниот научник и технички соработник во Microsoft Research, Џејми Тиван, ги повторува работите кои од компанијата ги истакнаа за време на презентацијата на функцијата.
Можеби поради големите реакции на „јавноста“ може да се очекува Microsoft да направи одредени промени во начинот на чување на податоците, а сепак останува прашањето дали на корисниците им е потребна една ваква функција, па добро е што истата може да се исклучи.