Фото: KDE

Официјалната поддршка за Windows 10 завршува на 14 октомври оваа година, па иако Microsoft ќе им овозможи на корисниците, бизнис и приватни, да платат за до три години продолжена поддршка, јасно е дека овој систем е „готов“. 

Стандардно за корисниците на различните верзии од Windows, најновата верзија го нема најголемиот пазарен удел, а тоа е така затоа што голем дел од корисниците одбиваат да ја инсталираат.

Во случајот со Windows 11 и Microsoft носат голема одговорност поради поставувањето на минимални барања за инсталација на системот, нешто што на крајот повеќе личи на обид да ги мотивираат корисниците да купат нов компјутер. 

Со оглед на тоа дека остануваат уште само неколку месеци до крајот на поддршката за Windows 10, очекувано е да видиме кампањи насочени кон корисниците на системот. 

Една таква кампања започнаа развивачите на една од најпознатите десктоп околини за Linux, KDE. Тие ја промовираат нивната десктоп околина KDE Plasma за корисниците на Windows 10 и истата интересно е наречена „KDE for Windows 10 Exiles“.

Од KDE добро истакнуваат дека корисниците треба да го надградат својот софтвер, а не својот компјутер. Целата поента на кампањата е дека корисниците нема потреба да купуваат нов компјутер ако нивниот веќе добро функционира, само за да го инсталираат Windows 11. 

Во објавата од KDE ги истакнуваат предностите на инсталирање на некоја од Linux дистрибуциите со Plasma, а посебно истакнуваат кои проблеми корисниците веќе нема да ги имаат со префрлувањето на Linux.

KDE Plasma доаѓа на неколку дистрибуции, како OpenSUSE, Fedora KDE, Manjaro KDE, Kubuntu, KDE Neon и други, но убавината на Linux е што на било која дистрибуција може да се промени десктоп околината со друга. 

Целиот текст од KDE можете да го прочитате тука.

ИЗВОРPCWorld
Претходна статијаИТ е во сè – а ИТ професионалците се создаваат на ФИНКИ
Следна статијаТрето издание на меѓународниот фестивал „Стрип Трип“ – 6-8 јуни во МКЦ
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.