Поддршката за се’ уште најпопуларниот оперативен систем на пазарот, Windows 10, истекува за една година, поточно истата завршува на 14 октомври 2025. После оваа дата системот веќе нема да добива безбедносни исправки и исправки на грешки, а веќе одреден период системот веќе не добива нови функции.
Корисниците ќе имаат можност да доплатат, исто како во случајот со Windows 7, за продолжување на поддршката уште некоја година преку ESU – Extended Security Updates програмата.
Бизнис корисниците ќе можат да доплатат за до три години продолжена поддршка, а цените ќе бидат објавени подоцна. Тие ќе можат да платат од година за година, односно периодот не може да е пократок.
Две верзии од системот кои се користат кај посебни видови на уреди веќе имаат поддршка до 2026 и 2032 година, но во овој случај се работи за уреди кој се користат кај индустриска и медицинска опрема, на пример.
За првпат ESU програмата беше најавено дека ќе им биде достапна и на приватните корисници, а со оглед на огромниот број на корисници, не е ни чудо. Windows 10 продолжува да има дупло поголем пазарен удел од Windows 11.
Microsoft ја објави цената која приватните корисници ќе треба да ја платат за продолжување на поддршката по 14 октомври идната година и истата изнесува 30 долари.
За разлика од другите видови на корисници, приватните ќе можат да ја продолжат поддршката само една година, односно до крајот до 2026.
Во објавата од страна на Microsoft очекувано поголемиот дел е насочен кон убедување на корисниците да го надградат својот компјутер на Windows 11 или да купат нов компјутер со овој систем, но гледаме како им оди од компанијата со тоа досега.
Се очекува дека бројот на корисници кои ќе продолжат да го користат Windows 10 после октомври 2025 ќе остане висок, а сигурно ќе поминат уште неколку години додека бројката падне под таа на Windows 11.