Уредите кои работат на Android може да се каже дека не се баш познати по редовните и брзи надградби, а исто така поддршката за уредите прилично брзо застарува, па уред стар само 2 години може да веќе не му следуваат поновите верзии од оперативниот систем.

Дури и кога надградбата следува за некој уред, за истата се чека месеци од нејзиното официјално пуштање, а како главна причина тука може да се земе фактот што производителите на уредите прават свои промени на Android, па не зависи само од Google.

Затоа Apple, на пример, се толку подобри кога се во прашање надградбите. iPhone уредите, како и другите, најновата верзија од iOS ја добиваат после само неколку дена од нејзиното официјално пуштање, па статистиките покажуваат дека мнозинството од корисниците ја користат во период од само месец до два.

Ситуацијата кај Android сепак изминатите години е подобрена, иако не може да се спореди со таа на Apple, а прашање е и дали некогаш ќе може. Apple сепак има мал број на уреди кои се нивни и сите делови се специјално развиени едни за други, за разлика од Android ситуацијата каде секогаш ќе биде составена од повеќе производители на уреди и чипови, а и многу повеќе модели.

Google во соработка на производителот на Snapdragon чиповите, Qualcomm, решија да овозможат дополнително подобрување на ситуацијата со надградбите на Android уредите.

Тие сега ќе можат побрзо да се надградуваат поради тоа што ќе се овозможи да производителите нема да мораат да прават измени на софтверот за чиповите од Qualcomm. Со ова треба дополнително да се забрзаат промените кои производителите треба да ги прават после секоја нова верзија од Android, па можеби ќе дојде време кога истите ќе ги пуштаат уште првиот месец по излегувањето.

Втората и исто така важна новина која ја најавуваат двете компании, а е поврзана со првата, е продолжувањето на времето во кое ќе ги поддржуваат Android верзиите. Најавата е дека секој чип ќе има поддршка за 4 верзии од Android, со што корисниците може да очекуваат дека нивните уреди ќе останат ажурирани подолго време, барем кога е во прашање софтверот. На ова треба да се додаде и поддршката за безбедносни надградби која се продолжува на 4 години.

Оваа новина ќе започне со Snapdragon 888 кој ќе има поддршка до Android 14. Затоа што Android 11 веќе е излезен, па таа верзија се смета како дел од тие 4.

На крајот, за да сето ова даде резултати, ќе треба производителите да го прифатат, односно да ја искористат промената. Дали и колку ќе направи разлика ќе можеме да видиме од идната година, односно во годините што следат.

Доколку технички ги разбирате овие работи, можете да ја прочитате статијата од Google, каде детално се објаснети новините.

ИЗВОРAndroid Central
ИЗВОР 2Qualcomm
Претходна статијаФИТР: Основан Стартап совет кој ќе креира стратегија за брз развој на стартап екосистемот
Следна статијаHuawei доби условно зелено светло во Германија – владата ја одобри одредбата за безбедност
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.