Qualcomm оваа недела го претстави нивниот најнов чип наменет за мобилните уреди од највисоката класа. Snapdragon 888 5G може да го очекуваме кај уредите кои ќе бидат претставени во првата четвртина од идната година, како на пример кај американската верзија од Galaxy S21.

Snapdragon 888 5G е направен во 5nm технологија на изработка, а со тоа доаѓаат одредени предности кај перформансите, а посебно кај потрошувачката на енергија.

Овој чип исто така доаѓа со Kryo 680 процесорот којшто како што се очекуваше е направен на основа на Cortex-X1 од ARM. Тоа ќе му донесе доволно подобрување на перформансите на овој чип од највисоката класа, кој овој пат ќе може да работи на фреквенција до 2,84GHz.

Од Qualcomm истакнуваат дека процесорот кај Snapdragon 888 5G ќе донесе подобрување на перформансите од 25% за разлика од претходната генерација, што може да се каже дека е доволно голема разлика за да се очекуваат одлични перформанси од сите аспекти кај уредите од идната година.

Snapdragon 888 5G исто така доаѓа со Adreno 660 графичкиот процесор кој според Qualcomm донесува досега најголемо подобрување во перформансите од 35% од претходната генерација.

Qualcomm истакнува дека нивниот нов чип ќе донесе значително подобрување кај камерите, односно можноста за сликање кај новите уреди, како и подобрување кај вештачката интелигенција, поточно машинското учење.

Како што и би се очекувало веќе од било кој процесор, Snapdragon 888 5G доаѓа со поддршка за 5G мрежите, преку новиот X60 5G модем од компанијата. Исто така, оваа генерација од чипот доаѓа со поддршка за Wi-Fi 6 и 6E, како и Bluetooth 5.2. 5G поддршката е за сите мрежи кои ќе бидат достапни во светот, што значи дека корисниците ќе немаат проблем и кога ќе патуваат низ различните земји.

Од тоа што може да се види кај Snapdragon 888 5G, јасно е дека идната година мобилните уреди ќе бидат чекор поблиску до перформансите на еден просечен десктоп компјутер, а тоа ќе се забележи кај корисниците кои ги поврзуваат своите телефони со поголеми екрани, како и кај играњето на игри.

ИЗВОРQualcomm
Претходна статијаMotorola најави десктоп и ТВ режим кај нивните нови телефони
Следна статијаКриптовалутата Libra преименувана во Diem ќе се обиде да добие одобрување од властите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.