Најавите за еден од најголемите редизајни на iOS 26 беа потврдени по официјалната презентација на Liquid Glass дизајнот, кој овој пат стана дел и од останатите системи од Apple.
Сепак, по пуштањето на првата бета верзија за програмерите, можевме да прочитаме доста критики за новиот дизајн и не само такви поврзани со тоа дали истиот е довлно нов, оригинален и слично.
Една од главните критики дојде поради буквалното имплементирање на „стаклен“ стил од страна на Apple, нешто што донесе доста голема проѕирност на делови кои сепак им е потребна некаква позадина.
Такви делови се картичките во центарот за известувања, како и било кои други делови на кои има текст или некаква икона.
Посебно големи критики доби контролниот центар, а корисниците споделуваа слики од тоа колку новиот дизајн ја намалува позадината зад копчињата, со што ги прави скоро споени со иконите на главниот екран.
Доста од коментарите се повикуваа на строгоста на Стив Џобс и истакнуваа дека тој би ги отпуштил сите од тимот на дизајнери поради ваквите лоши одлуки.
Како и да е, јасно беше дека голем дел од критикуваните делови нема да останат такви, сепак се работи за програмерска бета верзија, која е наменета програмерите да ги тестираат своите апликации.
Зошто од Apple дозволиле нешто такво сепак да биде пуштено, не е познато, важно сега проблемот е решен на едноставниот начин којшто им беше достапен, а тоа е додавање на поголемо заматување на позадината на контролниот центар и намалување на осветлувањето.
Кратко кажано, „стаклото“ зад копчињата веќе не е толку проѕирно, па работите се направени како што треба.
До официјалното пуштање на iOS 26 за сите корисници има уште околу три месеци, па Apple сигурно ќе ги „испегла“ сите вакви работи.
Тоа што е поважно е да оваа верзија од iOS ги реши не толку малиот број на „багови“, а iOS 18 важи за една од полошите верзии од системот кога е во прашање стабилноста и грешките.