Apple Intelligence функциите не се покажаа баш најдобро за компанијата, па искуството покажа дека Apple го прекрши нивното главно правило, да не се претставуваат новини пред истите да бидат доволно добро развиени.
Сепак, со iOS 19 и другите системи, може да се очекува подобрување на оваа ситуација, а ќе почекаме да видиме колку и кога, односно со која конкретна верзија.
Една од новините кои се очекуваат, а се поврзани со вештачката интелигенција, е поврзана со батеријата. Според Марк Гурман, Apple ќе започне да ја користи ВИ за подобро менаџирање на батеријата кај iPhone, а можеби и кај другите уреди.
Најавената новина, за разлика од сега достапните функции кои се поврзани со начинот на полнење на батеријата, ќе биде повеќе поврзана со нејзиното искористување претходно.
Поточно, вештачката интелигенција ќе ги учи навиките на корисникот, односно неговиот стил на користење на телефонот, па соодветно ќе ја прилагодува потрошувачката на енергија.
Со други зборови, во периодите од денот кога корисникот не го користи својот телефон активно, може да се намали енергијата која ја бара телефонот, односно моќта која ќе ја користи процесорот. Со тоа телефонот ќе троши доста помалку и батеријата нема да биде потрошена повеќе од што треба.
Покрај подолгото траењето на батеријата во текот на денот, со овој систем може да се очекува и продолжување на векот на истата, нешто што исто така е доста важно сѐ уште.
Според информациите, главната причина поради која Apple го развива овој систем е новиот iPhone Air, кој засега сѐ уште е неофицијален, но се очекува во септември заедно со iPhone 17 серијата.