Најверојатно повеќето корисници, без разлика кој оперативен систем го користат, претпоставуваат дека iOS е еден од најстабилните оперативни системи. Тоа се разбира не е грешна претпоставка, системот е точно оптимизиран да работи на малиот број на уреди кои што ги прави Apple.
Android од друга страна е систем со отворен код (open source) кој што работи на огромен број на различни видови на уреди, а исто така е променет од поголемите производители на уреди. Тука се и одредената бројка на променети верзии од програмерите.
Сепак, според истражувањето на компанијата Crittercism, најновата верзија од Android е постабилна за работата на апликациите од најновата верзија на iOS. Се работи за минимална разлика, односно апликациите паѓаат во 2,0% од случаите на Android, додека на iOS 8 процентот изнесува 2,2%.
За Apple ова претставува намалување на стабилноста од претходната верзија која што имала процент на паѓање на апликациите од 1,9%. Android Lollipop е подобрување за оперативниот систем од Google кој што во претходните две верзии имал процент на паѓање од 2,6%.
Како што можете да видите се работи за мали проценти и уште помали разлики, па корисниците сигурно нема да можат да ги забележат доколку ги споредуваат. Тоа посебно важи за сопствениците на некои од поскапите модели или барем тие од средната класа.
Извор: Android Authority