Било која апликација која што има пристап до камерата на уредот, не е во можност да слика слики без вие да знаете, поради начинот на кој што е направено сликањето на Android уредите. За да една апликација може да ја користи камерата и да слика, истата мора да е вклучена и на екранот да е прикажан погледот од камерата. Меѓутоа така треба да бидат работите, што не значи дека нема да се најде некој кој што има најдено заобиколен начин да слика слики, посебно на оперативен систем отворен како што е Android.
Szymon Sidor работејќи на проект за сигурност на компјутерите на својот универзитет, односно на проект поврзан со сликање од камерата на лаптоп компјутери, без притоа да се вклучи сијалицата која што означува дека камерата е вклучена, започнал со одредени проверки на таа тема и на Android уредите. Истражувајќи открил дека е можно апликација да може да работи без притоа да е вклучен нејзиниот главен кориснички интерфејс, како на пример chat heads од Facebook Messenger. Пречката поради која што апликација не може да слика без да го вклучи погледот од камерата ја има надминато преку креирање на поглед кој што е со големина од само 1 пиксел. Овој еден пиксел е скоро невозможно да биде забележан од страна на корисникот, посебно на новите модели со висока резолуција и огромен број на пиксели.
Користејќи го ова откритие тој има креирано апликација која што успешно слика и испраќа слики преку email „без негово знаење“, односно на корисникот.
Ова е нешто што од Google може да го средат, сега кога е покажан начинот на кој што може да се искористи начинот на работа на камерата и пермисиите на оперативниот систем. До тогаш на корисниците им се препорачува да инсталираат апликации само од Play Store, а и на нив да ги проверуваат пермисиите кои што ги бара секоја апликација. Поточно, на апликација која што намената и е да запишувате кратки и едноставни текстуални забелешки не и е потребен пристап до камерата на уредот, па доколку симнувате било каква апликација која што не би требало да има пристап до камерата, не треба да ја симнете. Се разбира ова не значи дека треба да бидете загрижени повеќе од нормално, а советите важат без разлика на ова откритие.
Извор: Szymon Sidor Blog, Geek.com