Ние старееме – и тоа досега беше неизбежен факт во живеењето. Досегашните претпоставки околу стареењето на клетките беше дека е комплекс од повеќе различни фактори, а еден од главните е акумулацијата на мутации во митохондриите. Според претпоставката ваквата акумулација постапно ја оневозможува способноста на клетката да си ги врши своите животни функции и на крајот таа престанува со работа и се распаѓа.
Од друга страна, во едно истражување од Универзитетот од Цукуба, Јапонија, беше пронајдено дека можеби „митохондриската теорија на стареењето“ не е точна туку има друг механизам кој го поттикнува стареењето. Имено, тие анализирале клетки на стари и млади луѓе со надеж дека ќе ја забележат претпоставената поголема акумулација на мутации во клетките од постарите. Тоа што го забележале, од друга страна, е дека не постоела никаква разлика во однос на истото.
Според ваквиот наод, нивната претпоставка е дека можеби стареењето е предизвикано од надворешни фактори кои ја стресуваат клетката, а не од акумулација на мутации т.е. предизвикувачот се таканаречените епигенетски фактори. Па според тоа, нивната втора претпоставка е дека ако се рестартираат клетките во матични клетки, повеќето епигенетски фактори ќе се отстранат. Притоа, одлучиле да направат анализа каде епигенетските фактори имаат влијание врз ДНК и увиделе дека имаат во регион кој го контролираат создавањето на една конкретна аминокиселина.
Токму тоа и го тестирале, со тоа што зеле клетки од 97 годишен човек и ги сместиле во раствор во аминокиселината глицин да отстојат 10 дена. Ефектот бил следен: митохондриите си ја повратиле способноста да ја процесираат енергијата за внатрешните процеси, а некои ефекти поврзани со стареењето биле поништени. Што значи, самите клетки биле подмладени од ваквиот третман.
Ваквиот резултат укажува на тоа дека веројатно е можно да се забави, стопира, па дури и врати процесот на стареење со елиминација на епигенетските фактори и рестартирање на животниот век на клетките, па со нетрпение го очекуваме пронаоѓањето на ваквите препарати кои во иднина ќе не` обноват и држат живи далеку подолго време, а можеби и бесконечно. Засега немојте да пиете глицин колку и да изгледа примамливо, ефектот може да биде катастрофален по вашето тело.
Извор: IFLScience, ScienceDaily