Можеби сте прочитале за таканаречените вонтелесни искуства (out-of-body experience) кои некои луѓе ги доживуваат кога се во кома или во состојба на силен стрес и закана по живот. Во нив тие раскажуваат дека доживеале како „излегуваат“ од нивото тело, како лебдат околу по собата во која се наоѓаат, па дури и како влегуваат во друго тело.
Иако ваквото искуство звучи како нешто што заслужува потсмев, научниците сепак најдоа начин да го поттикнат истото. Секако, луѓето во нивната студија не „излегуваат“ од сопственото тело. Тоа што се случува, всушност, е дека им се менува нивната перцепција за тоа кое тело е нивно и за кое тело треба да осеќаат сензации, болка или страв.
Истражувачите го направиле следниот експеримент: Ги легнале испитаниците во МР скенер кој им ја следел мозочната активност. Во исто време тие носеле шлем со екран кој прикажувал кадар од некое друго тело легнато на друго место во собата. За да го започнат „трансферот“ на ментална позиција од нивото сопствено кон другото тело, тие ги допреле двете тела во исто време на точно истата позиција (на пример, некој прст).
Ефектот кој се постигнал со ваквата сензација е што мозокот на испитаниците се збунил и почнал да претпоставува дека се наоѓа во телото на човекот кој испитаниците го гледале преку екранот, а не во своето тело. Потоа истражувачите се заканиле дека со нож ќе го повредат телото на вториот човек, а кожата на испитаниците почнала да реагира, да се поти повеќе и да пушта електрични сигнали – што укажало дека испитаниците навистина сметале дека туѓото тело е нивно. Ваквиот ефект не се случувал кога тие гледале туѓо тело, но без поттикнатата илузија на пренос.
Според истражувачите, тоа што се случува е дека ние имаме таканаречени „клетки за позиција“ во мозокот кои се одговорни за нашето снаоѓање во просторот, а воедно имаме други клетки кои расправаат со чувството на поседување на телото. Нивната меѓусебна комуникација се остварува преку дел во мозокот наречен предна цингулатна кора (posterior cingulate cortex). Ако успееме да ги збуниме овие клетки, тие почнуваат да мислат дека се наоѓаат на друго место и дека заземаат туѓо тело. Заземањето на туѓо тело не мора да биде човечко туку може да биде и некаков предмет, што некогаш го пријавуваат оние кои експериментираат со халуцинаторни супстанци како ЛСД.
Следниот пат кога ќе прочитате некаде дека некој имал вонтелесно искуство ќе знаете дека веројатно не лаже за тоа искуство, иако тој навистина не излегол со „душата“ надвор од своето тело.
Извор: Cnet