Струмица, 28.04.2023 година – Како дел од програмата за работа на креативниот “UP HUB“ од Струмица, во тек е реализација на тренинг модул на тема “Дигитален маркетинг“. Оваа активност е дел од “SKILL UP“ програмата насочена кон подобрување на вештините и компетенциите на младите и поттикнување на нивниот професионален развој. Бесплатниот едукативен тренинг модул е наменет за млади лица до 30 години, кои имаат желба да се стекнат со нови, или да ги подобрат сопствените знаења и вештини во една од најбараните професии на денешницата.

По отворениот повик за пријавување, вкупно 29 млади лица со различни образовни позадини, нивоа на искуство и работен статус, ја започнаа двомесечната бесплатна тренинг програма. Во рамки на планираните 32 часа предавања и вежби, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со теоретски и практични знаења од областа на дигиталниот маркетинг. Преку комбиниран процес на паралелно учење и работа на реални проекти, учесниците во соработка со предавачите имаат можност за директна примена во пракса на различни тактики и алатки кои имаат сé поголема примена во рекламирањето.

Конкретно, тренинг модулот опфаќа 3 сегменти: Предавања кои се одвиваат со сите учесници, интегрално; Практични вежби за работа на реални кампањи, поделени во групи; Учество на гости-предавачи кои ќе ги споделат своите практични искуства и знаења од областа на креирање и реализација на дигитални кампањи.

“Задоволство е кога на вакви креативни места може да се сподели знаење и искуство со млади луѓе кои имаат желба да слушнат и научат нешто повеќе. Подготвивме програма која, покрај теоретскиот дел, опфаќа практична примена на алатките со кои во денешно време се маркетира и рекламира. Дополнително, предизвик е кога пред себе имате амбициозни и вредни слушатели кои очигледно, од покажаниот интерес, имаат верба и мотивација за развој – личен и на нашето општество“, потенцираше предавачот на тренинг модулот, Иван Димитров, Раководител на секторот за Дигитален Маркетинг @mccannskopje.

Специјални гости во реализација на програмата се: Сашко Коцев, Актер, учесник во голем број рекламни кампањи, Кристијан Станковски – Бомбакис, креатор на содржини за дигитални медиуми и основач на Картон.мк и Позитива Македонија и Стефан Нанев, основач на “YouTube“ каналот @HeatCheck“, кој третира анализи од НБА лигата и има повеќе од 600.000 следбеници и над 90 милиони прегледи.

Тренинг модулот за Дигитален маркетинг се финансира преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија.

Претходна статија„Макпетрол“ повторно избран за најпосакуван работодавач
Следна статијаRoddenberry Archive претстави веб портал на кој може да се разгледаат повеќето Enterprise вселенски бродови од различните Star Trek серии