Една од претпоставките за судбината на Универзумот е дека галаксиите се забрзуваат во своето меѓусебно оддалечување и на крајот ќе се оддалечат толку што нема да имаат никакви допирни точки. Многумина логично се прашуваат: ако галаксиите се направени од материја, а таа има гравитација, како тогаш место да се спојуваат галаксиите се оддалечуваат?
Еден од одговорите се состои во т.н. „темна материја“ и „темна енергија“, кои влијаат врз материјата и предизвикуваат нејзино оддалечување. Темната материја и енергија не можеме да ги забележиме туку се претпоставува дека постојат поради гравитационите ефекти врз видливата материја кои засега не можеме да ги објасниме на друг начин.
Според најновата студија објавена во Журналот за астрофизика од страна на Д-р Петер Милне од Универзитетот од Аризона, забрзувањето и оддалечувањето на галаксиите една од друга е побавно него што се сметаше досега. Имено, самото оддалечување досега се мереше преку мерење на Тип Ia суперновите, за кои се смета дека не варираат во сјајност за разлика од другите типови на супернови. Во споредба на емитираната светлина со очекуваната емисија можеме да ја претпоставиме нивната далечина – и така да го измериме оддалечувањето на галаксиите една од друга.
Д-р Милне пак, смета дека постојат повеќе различни типови на Тип Ia супернови со различна сјајност, што пак ги менува факторите за пресметка на космичките далечини. Според него, постојат два подтипови на овие супер нови, NUV-црвени и NUV-сини. Црвените испуштаат материјал за 12% побргу, што ја менува нивната светлосна кривула, но разликата е толку мала што досега не можеше да биде забележана (и конечно беше со Swift Ultraviolet вселенскиот телескоп).
Различната брзина на вадење на материјал значи дека претпоставката за нивната оддалеченост е различна, а според Д-р Милне, помала од што претходно беше пресметано. Ваквите супернови се екстремно ретки, па примерот на кој Д-р Милне ја работел анализата е составен од 23 Тип Ia супернови.
Ваквиот пронајдок, ако е точен, ќе предизвика потреба од прилагодување на досегашните пресметки околу брзината на оддалечувањето на видливата материја, количеството на темна материја и енергија, и пресметката на моќноста на гравитацијата во Универзумот.