Трансплантација на срце, на бубрег, на црн дроб, па дури и на бели дробови но… трасплантација на глава!? Тоа е навистина чуден проект, би се согласиле. Уште на прва размисла има толку многу компликации и проблеми кои можат да се појават, од одбивање на имунитетниот систем, преку целосна парализа на сите нерви од вратот надоле, до разни идентитетски проблеми.
Ова изгледа не се нерешливи и непремостливи проблеми според Серџио Канаверо од Туринската група за напредна невромодулација од Италија. Според него, идејата е со ваков зафат да се продолжи животот на луѓето чии нерви и мускули дегенерирале или на кои телата им заболеле со рак. Дополнително, тој смета дека ваквата операција ќе може да се изведе за само две години, во 2017 година. Секако, тој ги признава проблемите кои би настанале со ваквиот зафат. Како што напоменав погоре, имунитетниот систем на телото веројатно ќе ја отфрли туѓата глава. Нервите од нервниот столб се огромен сноп кој тешко е да се поврзе бидејќи сепак не се работи за стандардни кабли.
Канаверо од друга страна нуди решенија за сите овие проблеми. На пример, тој го нуди примерот на модерната медицина која преку користење на најразлични супстанци го блокираат имунитетниот систем и отфрлањето на трансплантирани органи, како што се бубрези, срце, бели дробови итн. Од друга страна, поврзувањето на нервите ќе се изведе со полиетилен гликол, кој го стимулира нервното поврзување во тестовите кај животните.
Според Канаверо, неговата процедура би се извела на следниов начин: пациентот се сместува во кома, при што му се лади телото за да се продолжи периодот во кој ткивата можат да преживеат без кислород. Потоа се сече ткивото на вратот, а големите крвни садови се поврзуваат со цевчиња. По ова се сече рбетниот столб, каде што е критично да се оствари исклучително чисто и прецизно.
Потоа главата се преместува до новото тело, каде што се врзуваат двата краја на нервните столбови, кои изгледаат како сноп од шпагети. Откога ќе се спојат, местото на спој се храни со претходно спомнатиот политетилен гликол неколку недели кој ќе стимулира поврзување на нервите. За целото ова време пациентот спие во кома. По завршетокот на спојот и средувањето на останатите ткива, пациентот се буди од кома и, според Канаверо, тој ќе може да мрда, да зборува и практично да го користи своето ново тело.
Не треба да напоменеме дека ова е гигантски хируршки потфат, и на тој што ќе му успее секако ќе влезе во историјата на човештвото како прв човек кој трансплантирал цела глава. Луѓето уште од претходно имаат експериментирано со трансплантација на глави кај животни. Советскиот научник Владимир Демиков експериментираше со трансплантација на глави од кучиња, кои умираат после само неколку дена. Други научници истото го правеа со глувци и мајмуни, со слични резултати. Тоа секако не значи дека ова е недостижно со напредокот на технологијата.
Вистинскиот проблем е со етичките прашања кои се отвораат во ваквиот случај и дали ова е воопшто посакувано. Од друга страна, веројатно секој би сакал кога ќе му остари телото, на пример, да израсне ново од сопствениот генетски материјал со матични клетки, и да си го искористи за да си го продолжи за уште толку години. Останува да видиме како човештвото ќе го прифати овој подвиг на Серџио Канаверо и идните по него.
Извор: New Scientist