Тој што ја студирал историјата на видовите за Земјата веројатно дошол до податокот дека во минатото настанале неколку настани на масовно уништување, во кои огромни проценти на живиот свет (некогаш и до 99%) биваат уништени. Ваков настан се смета дека бил поттикнат од астероид кој го предизвикал уништувањето на диносаурусите пред 66 милиони години.
Иако многу од ваквите настани се должат или на удар од некое друго небесно тело или на вулкански суперерупции, според најновата студија објавена од Месечните извештаи на кралското астрономско општество од Обединетото Кралство, можно е ваквите настани да се предизвикани од темната материја.
Имено, според нив ваквите настани се случуваат во рангот од 26 – 30 милиони години. Истовремено, тие откриле дека Сончевиот систем заедно со Земјата поминува низ средината на дискот на нашата галаксија, Кумова слама (Млечен пат) на секои 31 ± 5 милиони години. Според нивните пресметки овие времиња се поклопуваат. Но што е тоа што ги предизвикуваат ваквите масовни уништувања на живиот свет?
Според нив, постои можност кога Сончевиот систем поминува низ дискот на галаксијата, да доаѓа во допир со темната материја која е таму најмногу распоредена. Темната материја е наречена така бидејќи ние не можеме директно да ја детектираме и се ослонуваме на нејзините гравитациски ефекти кои ги има врз останатите објекти. Таа е привлечена од гравитацијата на другите објекти, каква што е таа на Сонцето и планетите.
Според нивната хипотеза, можно е кога поминуваме низ дискот, оваа темна материја да е привлечена од гравитацијата на Земјата и да навлегува во нејзиниот центар, а потоа постапно да се анихилира меѓусебно. При овој процес, таа испушта големи количества на енергија кои го греат јадрото на Земјата, а таа топлина потоа се префрла низ погорните слоеви се` до површината, каде излегува како огромни ерупции на вулкани кои го уништуваат живиот свет.
Дополнително, бидејќи темната материја има гравитациски ефект, кога таа ќе влезе во Земјата таа влијае на околните кометоиди и астероиди и ги привлекува кон Земјата, предизвикувајќи судари со нејзе (како тој што се смета дека ги уништил диносаурусите).
Ваквата теза е шпекулативна во најмала рака, но нуди добро алтернативно објаснување зошто редовно настанува некој ваков настан на масовно уништување. Таа може да ни помогне да се одбраниме од можните идни вакви настани за неколку милиони години, ако воопшто останеме тука на Земјата и го задржиме овој облик. Сепак, треба дополнително истражување за да се потврди ваквата варијанта на историјата на Земјата.
Извор: IFLScience, Gizmag