Ако постои вселенска цивилизација, мора да постои некој начин за нејзино детектирање нели? За жал, при анализирање на слики од 100 илјади галаксии од страна на астрономите од Пен Стејт Универзитетот, наодот е дека индикации за постоење на такви цивилизации засега – нема. Тоа не значи дека вакви цивилизации сигурно не постојат, туку дека користејќи ги теориите на Николај Кардашев и Фримен Дајсон засега не можеме да ги детектираме.
Можеби прецизноста на набљудување е мала, можеби тие нема воопшто да испуштаат вакви зрачења или толку слаби што не можат да се примат, а можеби некоја таква цивилизација почнала да се развива доста покасно и таа сега постои, но зрачењата од нејзиното постоење се` уште не стигнале до Земјата за да бидат откриени. На крајот секако останува опцијата да такви цивилизации не постојат, но ни тоа засега не сме кадарни да го потврдиме.
Во 1964 година рускиот астрофизичар Николај Кардашев ја објави својата позната скала, која сега го носи неговото име. Кардашевата скала ја мери моќта на вселенските цивилизации според тоа во колкав обем ја користат енергијата на нивната планета, ѕвезден систем и галаксија. Според оваа класификација, вселенските цивилизации се поделени на К1, К2, и К3. К1 значи дека одредена вселенска цивилизација ја користи целата енергија која постои на нејзината домашна планета; К2 – целата енергија во нејзиниот ѕвезден систем; и К3 – целата енергија во галаксијата, што е навистина огромно количество енергија и имплицира огромна моќ на таа цивилизација.
Теоретскиот физичар и математичар Фримен Дајсон (познат по неговата Дајсонова сфера) предложи начин како да се пронајдат индикатори дека ваква супермоќна вселенска цивилизација постои во Универзумот, а тоа е преку анализирање на инфрацрвените зрачења кои доаѓаат од галаксиите. Имено, една таква цивилизација (која досега би требало да постои имајќи предвид дека Универзумот е стар 13,82 милијарди години) покрај тоа што ќе прибира толку енергија, ќе емитира големи количества од истата при вселенски летови и други активности, а тоа би требало да може да се детектира.