67% од граѓаните изразуваат значителна загриженост за себе и своите блиски поради корона вирусот. 77% од испитаниците ја оценуваат заканата од корона вирусот за нашата земја како умерена и голема. Најголем дел од граѓаните се информираат од телевизиите (76%), а скоро половината од нив (49%) информации бараат и по социјалните мрежи. Повеќето од граѓаните (69%) ценат дека се многу добро или одлично информирани за корона вирусот. Ова го покажуваат податоците од последното национално репрезентативно истражување кое Ипсос го спроведе меѓу граѓаните на Македонија.

„Од податоците може да се заклучи дека граѓаните на Македонија во голема мера се чувствуваат информирани за ситуацијата. Телевизиите секако имаат примарна улога во информирањето на граѓаните, но користењето на неформалните начини на информирање, како социјалните мрежи, укажува дека е потребна зголемена лична одговорност при ширењето на информациите и нивната проверка со официјални извори. Само 16% од граѓаните се информираат од официјалните веб страници на надлежните институции (Институт за јавно здравство, Министерство за здравство, итн.), па одговорноста на сите фактори при информирањето треба да биде зголемена“, истакнува Ивица Соколовски, истражувач од агенцијата Ипсос.

Истражувањето укажува дека најранливата категорија граѓани, на возраст од 65+ години, се чувствуваат добро информирани за ситуацијата со корона вирусот. Но од друга страна, младата популација споделува најмала загриженост за себе и своите блиски, истовремено чувствувајќи се најмалку информирани. 42% од младите изјавиле дека се чувствуваат малку или воопшто не се чувствуваат загрижени за себе и своите блиски, со истовремено најнизок процент на испитаници кои изјавиле дека се чувствуваат многу добро или одлично информирани за корона вирусот.

„Пропишаните мерки и начините на кои надлежните институции се справуваат со кризата наидуваат на поддршка од граѓаните, а мал дел од нив изразуваат мислење дека мерките треба да бидат подрастични. Тоа што младата популација се издвојува според својата (помала) загриженост и својата (помала) информираност од корона вирусот, укажува на потребата на зголемена одговорност која младите треба да ја манифестираат во овие моменти. Но не само младите, туку сите сегменти на нашето општество“, потенцираат од Ипсос.

Истражувањето беше спроведено во вид на телефонска анкета, на национално репрезентативен примерок од 500 граѓани на Република Северна Македонија, во периодот од 13 – 15ти март, 2020 година.

Повеќе детали за истражувањето можете да најдете преку овој документ или преку страната на Ипсос.

Претходна статијаБиодизел-горивото доминира меѓу биогоривата во Европската Унија
Следна статијаОткриена е нова галаксија со три ѕвезди