Во неколку интересни студии досега е покажано дека растенијата имаат способност да повикаат спасители кога се загрозени. Ова дури и ние сме го помирисале кога сме се приближиле до косена трева.
Имено, се работи за соединенија кои ги ослободуваат кога нивната структура е оштетена. Овие соединенија повикуваат одредени ловци (како на пример, бубамари) кои се хранат со инсекти кои ги уништуваат растенијата (како на пример, лисни вошки). Кога ќе ги осетат, бубамарите се насочуваат кон изворот, а нивната шеќерестата основа им дава енергија да бидат поефикасни ловци на лисните вошки.
На овој начин дивите растенија се бранат од разни штетници. За жал, многу од растенијата кои ние ги користиме за храна ја изгубиле оваа природна заштита поради нашето градуелно елиминирање на тие гени од генетскиот базен. Се претпоставува дека луѓето во минатото не знаеле да разликуваат меѓу инсекти кои ги оштетуваат растенијата и тие кои се бенигни, па одбирале и форсирале подвидови и мутации кои ги елиминирале сите типови на инсекти – паралелно со елиминација и на ваквата заштита.
Поради ова повеќето растенија кои ги јадеме немаат способност да повикаат заштита, па мораме ние да ги заштитуваме со пестициди кои знаат да бидат штетни и отровни (со исклучот на гравот и зелката). Затоа научниците сега бараат начин како да ја вратат оваа заштита кај растенијата, која спаѓа во групата на испарливи органски соединенија. Тие размислуваат на вметнување на гените од други растенија кои ја имаат, меѓуоплодување или вештачко дополнување во форма на (полу)природни пестициди.
Се надеваме дека ќе им успее. Од друга страна, секојдневно се импресионираме од развиеноста на живиот свет и неговата слоевитост. Имено, ако растенијата развиле комуникација со својата околина преку мирис и го испуштаат токму кога се под напад, тоа дава интересен поглед на биолошките системи и нивната наводна „несвесност“, па дури и ја разнишува досегашната перцепција за што точно претставува свесноста.
Извор: IFLScience, AGFAX